| Пристигнаа првите 5.000 вакцини против новиот грип, хоспитализирани нови 22 пациенти |
|
|
| сабота, 21 ноември 2009 | |
Од утре почнува вакцинацијата на лекарите и медицинските сестри на Инфективната клиника кои најмногу се изложени на контакти со заразени лица, а во наредните денови ќе биде вакциниран и другиот медицински персонал низ државата. - Целта на оваа мерка е да се направи се што е во наша можност да ги заштитиме лекарите и медицинските сестри кои потоа треба да ги лекуваат граѓаните. Очекуваме многу брзо да пристигне поголем контингент вакцини со што ќе продолжиме со вакцинацијата на останатите ранливи групи кои се препорачани од Светската здравствена организација и Комисијата за пандемски грип, изјави министерот за здравство Бујар Османи. Според највновите информации од СЗО, вакцината е безбедна исто колку што е безбедна и вакцината против сезонскиот грип. Треба да ја примаат оние кои се целосно здрави, контраиндицирана е кај лица алергични на јајца бидејќи во процесот на производството се користат јајца. Вакцините ќе се чуваат во Градскиот завод за здравствена заштита. Одговорајќи на новинарско прашање, министерот Османи рече дека би сакал да се вакцинира со вториот контингент вакцини кога ќе дојде за да се остави, како што рече, овие вакцини да ги земат оние кои се директно изложени на новиот грип. Во изминатите 24 часа на Клиниката за инфективни болести и фебрални состојби се хоспитализирани 22 нови пациенти со симптоми на новиот грип. Најголем дел од пациентите се во стабилна состојба и се третираат со вообичаената терапија. Двајца од нив се со потешка форма на пневмонија. Едниот пациент е во изразито тешка состојба и е поставен на вештачка вентилација без промени од претходниот ден, но со стабилни параметри. Една од новопримените пациенти е неконтактибилна и во коматозна состојба, но самостојно дише. Во изминатото деноноќие кај неколкумина од пациентите со потешка клиничка слика е констатирано значително подобрување на здравствената состојба и повлекување на посериозните симптоми на новиот грип. Во моментот на Клиниката се хоспитализирани вкупно 60 пациенти. Сите добиваат соодветна терапија и освен двајцата пациенти со потешка општа состојба, останатите хоспитализирани болни се во добра здравтвена состојба. |
| < Претходно | Следно > |
|---|







