| Живко Поповски-Цветин ќе подели свои цветови за Денот на жената |
|
|
| понеделник, 08 март 2010 | |
На сите крводарители во крводарителската акција што на иницијатива на Црвениот крст на Македонија, Републичкиот завод за трансфузиологија и Фондацијата „Борис Трајковски“ вчера се одржа во Струмица во соработка со Општинскиот црвен крст и градоначалникот на Струмица, Цветин им подари по една слика „Цвеќе на мирот и хуманоста“. На синоќешната манифестација „Виенски бал“ Цветин отстапи 50 свои слики, а средствата од нивната продажба се наменети за мајките на Чиле. Оваа земја минатата недела беше зафатена од катастрофален земјотрес. Во соработка со Здружението на жени на Град Скопје пред споменикот на Мајка Тереза на жени активистки ќе им бидат поделени 18 негови слики кои симболично ја изразуваат бројката на години кои Мајка Тереза ги поминала во Скопје. Денеска напладне Цветин ќе подари негови слики и на промоцијата на ЦД со 18 песни посветени на Мајка Тереза. Утре, на Денот на жената, на стогодишната баба Петра, сопруга на македонскиот романсиер Стале Попов, тој ќе и подари слика насловена „100 плус 1 цвет“. На настанот ќе присуствуваат и дел од учениците од ОУ „Димитар Миладинов“, кои во петокот одржаа пригодна културно-уметничка програма посветена на баба Петра со читање фрагменти од романот на Попов „Крпен живот“. Во Казнено-поправниот дом „Идризово“, пак, утре во соработка со „Црвениот крст“ на општина Чаир ќе биде отворена негова изложба со 38 слики - цвеќиња на мирот и хуманоста, кои потоа ќе ги подари. По една своја слика, Цветин ќе подари и на секоја од 65-те жени кои се на издржување казна затвор. Целта е преку дарувањето слики со цветовите на хуманоста да им се одаде признание на сите жени и мајки за нивната посветеност, љубов и топлина, која ни ја даваат, но и да се потсети на почитување на нивните права, вели Цветин. Живко Поповски-Цветин во својата мисија „Цвеќе на мирот и хуманоста“, досега има организирано над 300 изложби во Македонија и странство и има создадено над 30.000 слики кои ги подарува низ цел свет. |
| < Претходно | Следно > |
|---|







