|
Спорот со името да не влијае на преговорите со ЕУ |
|
|
|
среда, 10 март 2010 |
Билатералниот
спор со Грција не би смеело да влијае врз преговорите на Македонија со
Европската Унија.
Оваа порака денеска во Скопје ја упати Претседателот на словенечкиот Парламент
Павел Гантар, по средбата со својот македонски колега, претседателот на Собранието
Трајко Вељановски.
„Билатералниот
спор за името не би смеело да влијае на пристапните преговори. Но, на двете
страни како и секогаш им препорачуваме да разговараат, да се убедуваат и да
бараат решение кое, несомнено, треба да биде во интерес на двете држави“,
изјави Гантар.
На средбата меѓу двајцата претседатели на националните парламенти биле
потврдени добрите политички односи меѓу двете земји, со препорака до
стопанствениците тоа да го искористат и да влијаат за подобрување на
економските односи меѓу двете земји. Вељаноски ја искористи приликата на
својот колега Гантар да му ги објасни последните случувања со зголеменото
барање на азил од страна на македонски државјани во земјите на Европската
Унија.
„Ги информирав нашите словенечки пријатели дека не станува збор за било какви
политички проблеми на тие луѓе, дека не станува збор за некаква политика на
Владата, туку дека се работи за груба манипулација со овие наши сограѓани од
страна на поединци“, рече Вељаноски.
Првиот човек на словенечкиот парламент упати порака до македонските власти дека
процесот на преговори со ЕУ не значи само прилагодување на македонското со
европското законодавство, туку и примена на овие одредби во пракса.
|