|
Повеќето граѓани не го познаваат Законот за слободен пристап до информации |
|
|
|
понеделник, 28 јуни 2010 |
|
Повеќе
од 60 отсто од граѓаните не го познаваат Законот за слободен пристап до
информации од јавен карактер, и не знаат дека имаат право на пристап до
информациите од јавен карактер, велат од Македонското здружение на млади
правници.
По повод почетокот на примената на измените и дополнувањата на законот,
Македонското здружение на млади правници и Фондацијата Институт отворено
општество- Македонија, во текот на денот пред зградата на МРТВ, делеа
пропаганден материјал кој има за цел да ги информира граѓаните за овој закон.
„Сметаме дека преку ваквите директни средби со граѓаните ќе успееме да ја
зголемиме свеста за постоењето на овие права, бидејќи согласно истражувањата
кои беа спроведени минатата година, повеќе од 60 отсто од граѓаните не го
познаваат овој закон,“ рече за Макфакс, Јасмина Брезовска од Македонско
здружение на млади правници.
Како едни од позначајните новини во законот кои стапија на сила се:
скратувањето на рокот за одговор на усмено Барање за слободен пристап од десет
на три дена, потоа воведување на тестот на штетност како задолжителна постапка
која Имателот од кого се бара информацијата е должен да ја спроведе пред да го
одбие пристапот, како и предвидување на обврска за имателите да ја информираат
јавноста за својата работа преку објавување на своите извештаи за работа.
|