| Иднината на регионот е во обединување, не во исцртување нови граници |
|
|
| четврток, 29 јули 2010 | |
- Надминувањето на билатералните проблеми, етничките или граничните во регионот на ЈИЕ треба да се одвива на истиот начин на кој беа надминати проблемите меѓу земјите основачи на ЕУ по Втората светска војна. Тогаш не се реконструираа границите и не се градеа ѕидови туку истите стануваа неважни бидејќи Европа се обединуваше и градеше на економски план. Затоа решението не е во ирационални политики туку во обединување и соработка во регионот во кој границите нема да бидат важни. Затоа ни треба поддршка од ЕУ на сите земји во регионот за да станеме дел од успешниот европски проект, рече Милошоски, одговарајќи на новинарско прашање како ги оценува идеите за можна поделба на Косово и дали таа ќе влијае за рекомпонирање на границите. Тој посочи дека Македонија позитивно ја оценува одлуката на Меѓународниот суд на правдата по однос на независноста на Косово, која вели претставува ново поглавје на дијалог и соработка во регионот, подвклекувајќи дека предизвик за земјите треба да биде содејствување против појавите на замореност од проширувањето кај некои политичари во ЕУ. - Желбата на регионот да стане дел од европското семејство ќе мора да има капацитет да го победи скептицизмот на одредени европски политичари дека треба да има пауза во проширувањето, посочи Милошоски. Со неговата констатација се согласи и министерот Мета кој меѓу другото ja поздрави како што рече мудрата политичка одлука на Македонија да го признае Косово и посочи на изјавата на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ Кетрин Ештон дадена по мислењето на МСП, дека почнува нова фаза во регионот односно иднина која значи бришење на границите, а не и градење на нови. - Нема нешто подосадно за граѓаните од регионот од тоа да слушаат планови за повторна поделба на Балканот за тоа што тоа е дел од историјата на регионот исполнета со конфликти и често бесмислени војни, а која придонесе нашиот регион да заостане во однос на заостанатиот дел од Континентот. Затоа не е време да зборуваме за промени на границите туку е време еднаш засекогаш тие дебати да ги тргнеме настрана, рече Мета. Министерот Милошоски запрашан во врска со спорот за името истакна оти на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација во Брисел го повторил македонскиот став дека земјата останува посветена за изнаоѓање заемно прифатливо решение. - Република Македонија останува посветена со добра волја и намера да ги продолжи разговорите во македонско-грчкиот дијалог за надминување на билатералниот спор. Што поскоро се надмине ова ирационално билатерално прашање толку подобро ќе биде и за двете земји и за целиот регион, а таа енергија ќе може да се искористи продуктивно во рамките на европските интеграции. Мислам дека решавањето на македонско-грчкиот спор не го ограничуваат рокови туку го ограничува најчесто недостатокот на политичка волја и прагматизам или инсистирање на одредени ирационални позиции кои се тешко разбирливи во 21 век, рече шефот на македонската дипломатија. Мета од своја страна искажа надеж за што поскоро решавање на спорот за името, со што, ќе се одблокираат евроатлантските интеграции за земјата. Милошоски и Мета на средбата констатирале и дека е потребно зајакнување на билатералната соработка особено на економски план. Во тој контекс министерот Милошоски посочи на значењето на Коридорот 8, на кој како што рече заеднички ќе му се посветат во претстојниот период, како и на граничниот премин Џепиште - Требиште што треба наскоро да се отвори. Станало збор и за македонското малцинство при што од албанска страна било истакнато дека ќе ги применува европските стандарди. Воедно Мета рече дека на претставниците на албанските политички партии во Македонија ќе им порача максимално да придонесат за евроинтеграцијата на земјата и да ги унапредат своите права преку вклученост во институциите на системот. Албанскиот министер за надворешни работи Илир Мета во рамки на посетата на Македонија ќе има средби и со претседателот на државата Ѓорге Иванов, со премиерот Никола Груевски и со претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски. |
| < Претходно | Следно > |
|---|







