| Историја - МРА - Вовед |
|
|
Страница 1 од 9 (Од монографијата 50 години Македонска Радио Телевизија)
01. ЕТЕРОТ ИСПОЛНЕТ И СО МАКЕДОНСКИ ЗБОР
Во мугрите на слободата на македонскиот народ, во разурнатото Скопје, точно месец и пол од неговото ослободување, во етерот се разнесе првиот македонски збор изговорен низ воздушниот простор на слободната татковина:
„ЗБОРУЕ РАДИО СКОПЈЕ" Уште во август 1944 година Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија ја постави задачата пред современиот македонски писател и истакнат борец во Народно-олободителната војна, Владо Малески - Тале, да се зафати со создавање и работа на првата макеонска радиостаница во слободната татковина. За ваа цел се издвојувани од првите борбени редови техничари и новинари и се испраќани во Горно Врановци на нови задачи. Програмската и новинарската активност ја презеде врз себе Владо Малески, а техничката страна Васко Петковски, одговорен офицер за техника при Главниот штаб на Народно-ослободителната војска на Македонија.
Зградата на Радио Скопје до земјотресот 1963 година
Борците техничари Боро Димитровски и Владо Стојчевски, со помош на други технички кадри, забрзано работеа врз оспособување на запленетата воена радиостаница и врз нејзина преадаптација. Поради недостиг на соодветни технички материјали и резервни делови задачата тешко и бавно се реализираше. По ослободувањето на Скопје заедно со други значајни објекти беше разурната и радиостаницата, изградена непосредно пред војната. Беа уништени техничките средства за емитување на програмата, беше испокршен дискотечниот фонд на поранешната радиостаница, a зградата онеспособена за работа. Катастрофално беше и во Маџари каде што столбот, зградата и предавателната техника во неа беа целосно уништени. И повторно од воените единици започна прибирањето технички кадри кои во воената команда во главниот град на Републикава изготвуваа технички планови, како од воениот трофеј да оспособат што посилна радиостаница во слободната татковина. Експериментите започнаа со една француска воена радиостаница на кратки бранови. Радио техничарите Крсто Ристевски, Александар Грков, Ефтим Митовски, Марко Плавевски, Перо Ристовски, Димче Петровски, Тодор Џартов и Стефан Ќосевски, подоцна со успех оспособија радиопредавател од американско потекло „СЦР" од 20 вати.
Првиот македонски збор изговорен во слободната татковина
Новиот предавател успешно стартуваше од куполата на Офицерскиот дом во Скопје. Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија кон крајот на декември 1994 година се подготвуваше за Второто заседание, сега во слободната татковина, во зградата каде што и денес се наоѓа Собранието. Владо Малески му предложи на Президиумот на Собранието смела идеја - Второто заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија да се пренесува директно преку Радио Скопје. Тоа беше нов предизвик, но и грижа како да се поврзе кабелски салата од каде што требаше да се врши преносот. Недостигаа стотици метри кабли кои не можеа да се најдат во Македонија. Беше најдено решение радиостаницата да се премести од Офицерскиот дом на покривот на Собранието на Македонија и од таму да се врши пренос од заседанието. По неколкудневна работа сè беше готово од технички аспект.
Зборуе Радио Скопје...
Денот на одржувањето на Второто заседание на АСНОМ е определен 28 декември 1944 година. Во еден дел на собраинската сала, зад микрофонот, многу возбуден, според сопственото сведочење, се наоѓаше Владо Малески во исчекување да започне собирот.
Владо Малески пред микрофонот на директниот пренос на Второто Заседание на АСНОМ на 28 декември 1944 година
Секој миг во салата се очекуваше доаѓањето на првиот претседател на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија, Методија Андонов Ченто. Тогаш Владо Малески го започна своето јавување. Низ етерот, за првпат во ослободената татковина, се пренесоа зборовите на македонски јазик:
„Зборуе Радио Скпје, зборуе Радио Скопје, Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија..."
По уводното репортерско јавување за значењето на Собранието и за точките што ќе ги разгледува, Владо Малески го најави настапот на Методија Андонов Ченто. По поздравите до сите присутни на Собранието, тој им се заблагодари на сите оние што со натчовечки напори овозможија низ етерот да се слушне македонскиот јазик, како и одлуките на Второто заседание. За овие моменти Владо Малески во свое искажување ќе истакне: „Тоа беа навистина возбудливи дни“.
Првиот директор, новинар и репортер на Радио Скопје Владо Малески Тале
Буквално секој ден носеше по некоја голема новина. И сè беше прекрасно во тие големи дни на нашата историја. А во еден од нив, од главниот град на Републиката на македонскиот народ низ етерот се разнесе во светот македонскиот збор, до слободата безмилосно прогонуван како прокажаник, како опасник, како јазикоотстапник. А еве, накратко, нешто за првата емисија на Радио Скопје. Уште во октомври 1944 година, во велешкото село Горно Врановци, Президиумот на АСНОМ ме наименува за директор на Радио Скопје. За жал, по ослободувањето на главниот град на Македонија предавателот кај Маџари го најдовме сосема уништен, а студиото во градов значително оштетено. Тоа окупаторот, пред да се првлече, ги минирал. Група самопрегорни техничари деноноќно работеа врз конструирањето на една мала, 20ватна кусобранова станица. Така, веќе кон крајот на годината, ние бевме во состојба да вршиме пренос од Второто заседание на АСНОМ што се одржа во Скопје, во истата зграда во која и денес работи Собранието на Македонија. Набргу потоа ги започнавме и редовните секојдневни емисии. Сите ние, членовите на малубројната екипа на Радио Скопје, бевме млади луѓе, без каков и да е опит на овој домен, со исклучок на неколкумина техничари. Се учевме низ работата. И, сe разбира, грешевме. Уште додека се емитуваше првата наша програма, во студиото дотрчаа повеќе граѓани, возбудени, насолзени и заедно со нас ја споделуваа големата радост на една потиснувана нација. Радио Скопје во тоа време стана единствено собиралиште на сите културни работници во младата Република, новинари, писатели, музичари, драмски уметници и други".
Тодор Џартов целиот свој работен стаж го посвети на техниката на Радио Скопје
Македонскиот збор во етерот за првпат е емитуван преку програмата на радиостаницата „Слободна Југославија" во далечниот Советски Сојуз. Радиостаницата „Слободна Југославија" побарала спикер кој ќе говори на македонски јазик. Преку Вис, со авион за СССР, е упатен истакнатиот артист на Скопскиот театар, Илија Џувалековски, кој е и прв спикер на македонски јазик преку радиостаницата „Слободна Југославија".
|
|||||||||||
МРА 






