| Историја - МТВ - За нас |
|
|
Страница 1 од 16
На нашиов Веб сајт ви презентираме делови од развојот на Македонската радио телевизија и во тој склоп на Македонското радио и на Македонската телевизија, на кои голем дел од историјата им е заедничка. Во таа заеничка историја се вклопува и Радио дифузната мрежа, или како што ги викаме Предаватели и врски.
(Во овој дел ги сместуваме и текстовите: за просторните услови, радиотелевизиските претплатници, Маркетингот, Музичката и касетната продукција, награди и досегашни директори на оваа институција.)
СВЕДОК НА СВОЕТО ВРЕМЕ
(Од монографијата 50 години Македонска Радио Телевизија)
Мала генеза на големиот медиум (за почетоците на телевизијата во светот)
Уште со својата појава телевизијата, како ретко некој друг пронајдок во историјата на човештвото, се здоби со привилегијата да стане неразделен дел од животот на човекот. Средбата со оваа придобивка на модерното време го исправи човекот пред вистинаки прозорец кон светот: обичниот граѓанин и од најзафатениот дел на светот стана дел од тој свет, а во исто време и тој непознат свет стана дел од секојдневјето на граѓанинот. Така, со телевизискиот приемник во својот дом и со програмите што можеше да ги следи преку екранот, човекот гледач беше „доброволно" втурнат во највозбудливата авантура што модерното време можеше да му ја понуди на својот современик. Телевизијата, во основата, претставува пренесување слики на далечини. Се смета за чудо на дваесеттиот век, но нејзината појава е резултат на големите откритија на физичарите од деветнаесеттиот век. Во последните декемвриски денови од 1883 година Германскиот инженер Паул Нипков изработил механички таканаречен „Нипков диск" со кој се остварува разложување на сликата на местото на предавањето и нејзино повторно сложување на местото на приемот. „Електронскиот телескоп" со мотор брѓу движел една плоча, издупчен ротирачки диск со лампи со селенски ќелии, кои светилинските импулси ги претворале во струјни, кои потоа се пренесуваат на одредена далечина. Co тој уред сликата се разложува на елементи и редови. При приемот постапката се повторува: истиот уред врши сложување на елементите во редови, а од нив се добива, слика, онаква каква што била при предавањето. Пронајдокот е историски, но никогаш не нашол своја примена. Конечното усовршување на телевизијата зависи од развојот на електрониката и од усовршувањето на дотогашните искуства во преносот на тон со употреба на електромагнетски бранови во овозможување и на пренос на слика. Co конструирањето на фотоелектрична ќелија осетлива на промена на светлоста, од страна на германските научнци Јулиус Елстер и Ханс Гајтел (1890) се најавува откривањето на камерата. Во 1907 година Русинот Борис Росинг и Англичанецот Кембел Суинтон (истовремено, но независно еден од друг), замислуваат телевизиски систем со употреба на катодна цевка која веќе била откриена во 1897 година од германскиот научник Браун. Дваесет години подоцна (1928) Рускиот емигрант во САД Владимир Зворкин го патентира иконоскопот главната цевка во телевизиската камера, со која, според систем на оптички сочива, светлосната енергија се претвора во електрична и сликата што „стои" пред камерата се отсликува на далечина. Телевизијата технички е родена. Нејзиното натамошно усовршување е насочено кон квалитетот на сликата, а тоа зависи од бројот на елементите и редовите што камерата може да ги испише во една секунда и тие, пренесени, да се „насликаат" на екранот од приемникот. Поради тоа и се развиваат неколку системи на телевизиски уреди: со 525 редови НТЦС, во САД), со 625 редови (ПАЛ, во Германија) и со 819 редови (СЕКАМ, во Франција) Редовното пренесување телевизиска програма за првпат започнува на 22 март 1935 година во Германија, во ноември истата година во Франција, а на 2 ноември следната 1936 година и БиБиСи започнува редовно емитување телевизиска програма во Англија. САД малку „доцнат" таму за првпат телевизиска програма се следи од 20 април 1939 година, но затоа пак се оди чекор понапред во нејзиното натамошно усовршување и само по една година, од 27 август 1940 година, започнува да се емитува телевизиска програма во боја. Bo Европа телевизија во боја прва воведува Холандија, на 14 септември 1966 година. На просторите на Балканот и на некогашна Југославија телевизиската програма може да се следи дури по триесетина години: на 15 мај 1956 година, за време на одржувањето на Загрепскиот велесаем граѓаните на Загреб за првпат можат да гледаат странска телевизиска програма. Есента, Студио Загреб за првпат емитува програма од свое студио, а редовно емитување на програмата, во траење од 10 минути на ден(!), Студио Загреб започнува во 1957 година. Граѓаните на Белград можат да следат телевизиска програма од 28 август 1958 година за време на Вториот мегународен саем на техниката и техничките достигнувања. Во Љубљана тоа се „случува" на 11 октомври во истата (1958) година. Од 28 ноември 1958 година телевизиските студија Белрад, Загреб и Љубљана започнуваат емитување заедничка телевизиска програма три дена во неделата по три часа. Оттогаш и Здружението на радиостаниците на ФНРЈ Југословенска радиодифузија е преименувано во „Југословенска радиотелевизија здружение на радиодифузните организации на ФНРЈ".
|
||||||||||||||||||
МТВ 






