| Историја - МРД - Вовед |
|
|
Страница 1 од 3
(Од монографијата 50 години Македонска Радио Телевизиjа)
РАДИО ДИФУЗНА МРЕЖА НА МАКЕДОНСКАТА РАДИОТЕЛЕВИЗИЈА
Радиодифузната мрежа на МРТ во Република Македонија до овој момент (до 1994 година) се состои од 121 објект, лоцирани низ целава територија на Републиката. 103 објекти се основни средства на МРТ ООД „Предаватели и врски" од кои 14 објекти се со дежурни екипажи, а (другите) 89 работат автоматски. Другите 18 објекти им припаѓаат на општинските радиостаници. Вкупниот број на емисионите уреди изнесува преку 350, со најразлична емисиона сила (ЕРП) и тоа: - во среднобрановото подрачје од 150 вати до 1600 KW - во ултракраткобрановото подрачје од 15 W до 100 KW - во телевизиските подрачја од 5 W до 1000 KW - во системите за пренос на програмите од 50 W до 100 KW - во сервисните функционални системи за комуникација од 10 W до 50 W.
Конфигурацијата на теренот на Република Македонија е таква што предавателните и репетиторските објекти се поставени на најразлични коти и тоа од 110 м до 2601 м надморска височина, како што е случајот со ТВ/УКБ пунктот Пелистер кој е највисок на Балканот, а втор по височина во Европа. Големите ефективни височини, моќните емисиони сили на уредите, бројот и местоположбата на објектите создаваат можност за добро покривање со радио и телевизискитес сигнали на територијата на Република Македонија, а од одредени пунктови радио и телевизискиот сигнал ги преминува границите на нашава држава. Покриеноста на населението во нашава земја со радио сигнали е следнава: со среднобрановите мрежи 98% со ултракраткобрановите мрежи 75% или според програмите на Македонското радио: а) Радио Скопје (I програма) - СБ мрежа 98% - УКБ мрежа 75% б) Радио 2000 (II програма) - УКБ мрежа 70% в) Програма на јазиците на националностите - СБ мрежа 55% - УКБ мрежа 50% г) Радио Култура - СБ мрежа 50% - УКБ мрежа 50% д) Радио Билјана - СБ мрежа 85% ѓ) Канал 103 - УКБ мрежа 30%
Покриеноста на населението со телевизиски сигнали е следнава: I TB програма 96% II TB програма 92% III TB програма 50%
Повеќе од јасно е дека МРТ, покрај воведувањето на новите технологии, во своето работење и развој особено внимание ќе им посвети на модернизацијата и проширувањето на радиодифузните мрежи, за да обезбеди радио и TB сигналот да допре до сите оние за кои е наменет.
Среднобранова мрежа на МРТ
На 28.12.1944 година со преносот од Второто заседание на АСНОМ што се одржа во зградата на Народното собрание во штотуку ослободеното Скопје, за првпат низ етерот се разнесе најавата „Зборуе Радио Скопје", изговорена од устата на првиот директор на Радио Скопје, Владо Малески. Преносот е извршен со радиопредавател од американско потекло, од фирмата „СЦР" со сила од 20 W приспособен за таа намена. Тоа е трофејна воена радиостаница на кратки бранови чии oпсег e нешто зголемен (околу 49 м. бранова должина 6200 КХЦ) за да може да се слуша и на обичните радиоприемници во регионот на Скопје. Покрај радиостаницата за цело време на преносот како главен и единствен оператор е Александар Грков, еден од пионерите на македонските радиотехничари. Co помошта на нашите сонародници од странство, со набавен и приспособен трофеен материјал, со многу труд и умеење од страна на првите македонски радиотехничари (Александар Грков, Тодор Џартов, Стефан Ќосев, Ефтим Митевски) на 21.01.1945 година на скопскиот аеродром проработува првиот среднобранов предавател со сила ос 200 W. Опишувајќи го развојниот пат на радиодифузната мрежа на Република Македонија, мора да се одбележи и пуштањето во редовна работа на 20 KW среднобранов предавател во јануари 1941 година во Маџари, со бранова должина од 631,5 КХЦ, како тогаш најсилен предавател на територијата на Балканот и четврта радиостаница во среднобрановото подрачје во некогашното Кралство Југославија. Предавателот и целосната инфраструктура се уништени при повлекувањето на Германците од нашава земја во 1944 година. Во текот на 1945 година среднобрановиот предавател со сила од 200 W се лоцира во приспособената радиопредавателна зграда во Маџари. Во текот на целата таа година, и покрај големиот ангажман на техничарите околу озвучувањето на многубројните манифестации што се одржуваат во Скопје, се работи на доградбата на засилувачки степен на постојниот предавател. Во 1946 година идејата конечно се преточува во дело и се пушта во редовна работа предавателот со моќност од 2,5 KW. Bo исто време се донесува одлука да се набави професионален предавател и се случува договор за набавка со фирмата „ТОМСОН-ХЈУСТОН" од Париз. Веднаш се пристапува кон изградба на зграда за сместување на предавателот кој габаритно е доста гломазен, на трафостаница за негово напојување со електрична енергија, како и на нов антенски систем затоа што работната фреквенција на предавателот е 1511 КХц, односно 198,5 метри бранова должина. И конечно на 29.11.1947 година се пушта во редовна работа првиот професионален среднобранов предавател во Република Македонија со сила од 20 KW co што најголем дел од територијата на Републиката беше покриен co квалитетен радиосигнал. Во 1949 година е изработен европскиот план за распределба на фреквенциите и силите (Копенхаген 1949) при што на Радио Скопје му е доделена сила од 135 KW. Етерот почнува забрзано да се пополнува co нови радиостаници на нови фреквенции. Секоја држава се труди да ја пласира својата вистина и надвор од своите граници, така што европскиот план е донесен навремено за да воспостави некаков ред во беспоштедната борба која ќе се одигрува во наредните дваесетина години на планот на информативно-пропагандната дејност. Во такви услови и Радио Скопје co своите скромни средства се пушта во борбата за освојување на етерот на својата територија. ![]() C520KW предавтел (пуштен во работа 29.11.1947)
Bo 1949 година се одржува курс за радиотехничари за работа со радиоуреди, затоа што се размислува за поставување предаватели и во поголемите центри во Македонија. Прв таков предавател е поставен во Битола во 1950 година со моќност од 2 KW. Предавателот служи за покривање со радиосигнал на југозападниот дел на нашава земја. Приоритетна задача на Република Македонија по завршувањето на војната е електрификацијата на земјава. Co електрификацијата и со подобрувањето на стандардот на населението се обезбедени услови за поставување радиостаници како и за зголемување на бројот на имателите на радиоприемници. Беа потребни 8 години па Радио Скопје да собере сили и да ја реализира набавката на 135 KW предавател, да ја запоседне фреквенцијата на 809 КХц доделена уште во 1949 (Копенхаген 1949) и со тоа да излезе надвор од границите на Република Македонија. Од тој ден сигналот на Радио Скопје е присутен со добар квалитет на поширокиот регион на Балканот. Информативните емисии на грчки и бугарски јазик, како и емисиите за нашите сонародници во странство ја добиваат вистинската димензија. Во годините што доаѓаат започнува и изградбата на локалната радиодифузија. Нејзините почетоци датираат од 1950 година, кога Радио Скопје го пушти во редовна работа 2KW СБ предавател во Битола. Во исто време група радиоаматери во Прилеп успеваат од трофејни материјали да состават емисиона постројка и на краткобрановот подрачје почнуваат да емитуваат сопствена програма. Но бидејќи изникнуваат некои проблеми, во врска со непоседувањето дозвола за работа која во тоа време ја издаваше Сојузната управа за радиосообраќај, работата на станицата е забранета се до донесувањето одлука за формирање радиостаница од страна на Собранието на општина Прилеп. Во февруари 1952 година Радио Прилеп почнува редовна радиопрограма на бранова должина од 202м. Во 1954 година почнува редовна работа Радио Кочани, во 1956 година Радио Гевгелија,во 1957 Радио Охрид, во 1958 година Радио Кавадарци, во 1959 година Радио Велес и Струмица, во 1960 Радио Ресен, Штип и Кичево и во 1962 година Радио Гостивар. Сите радиостаници зрачат по неколку часа дневно редовни термини за вести. Подоцна дел од локалните радиостаници ќе биде опремен со емисиони уреди од страна на Радио Скопје и ќе влезе во составот на неговата радиодифузна мрежа. На 15.04.1963 година се пушта во редовна работа среднобранов предавател во Маџари со сила од 400 W и со тоа ќе почне официјално Втората програма на Радио Скопје. Во 1964 година се гради среднобранов објект во Гостивар, се поставува 2 KW предавател кој веднаш влегува во состав на радиомрежата на РТС. Предавателот е пуштен во редовна работа на 25.05.1964 година. Под раководство на дипл. инж. Ванчо Георгиев во Секторот Предаватели и врски се изработуваат 50 W СБ предаватели кои се поставуваат во Дебар во 1964 година, во Берово и Делчево во 1966 година, но кои ја пренесуваат само локалната програма поради немање адекватни приеми, во Прилеп и Ресен во 1966 година, како и во Крива Паланка во 1967 година. Во 1969 година во Маџари се поставува 10 KW СБ предавател за пренос на Втората радиопрограма. ![]() СБ 135KW предавател (пуштен во работа 21.01.1956) СБ пункт Овче Поле Електронска лампа во засилувачкиот степен од 1000 KW предавател
И конечно на 29.11.1970 година Радио Скопје се вброи во светската елита на среднобрановите предаватели со пуштањето во редовна работа на 1000 KW предавател во Овче Поле. Овче Поле е единствената поголема рамнина во централниот дел на земјава со задоволителна проводливост на теренот. Антенскиот столб со висина од 185,4 метри е точно една половина од брановата должина на која работи предавателот и има засилување по хоризонтала од 1,6 пати. Ефикасноста на антенскиот систем е 94,5% што претставува одлична вредност и значи дека предавателот емитува во сите правци по површината на теренот со сила од 1510 KW. Што се однесува до просторниот или јоносферсклот бран во зависност oд вертикалните агли на зрачењето и под одредени услови на пропагација ноќе, бранот може да се простира на големи далечини при што приемното поле е на сосема задоволително ниво. Набавен од фирмата „Браун-Бовери" од Швајцарија со врвен квалитет на вградените компоненти со ново конструктивно електрично решение на столбот, со функционален објект од 960 метри корисна површина, односно со трафостаница и помошни објекти во вкупна површина од 1250 м2. Целиот комплекс опфаќа површина од 181,000 м2, и во тоа време претставуваше најсовремено изграден среднобранов објект на овој дел од Балканот. Добиените резултати наполно ја оправдаа инвестицијата која во тоа време изнесуваше 11.371.850 германски марки. Од тој ден гласот на Радио Скопје може да се чуе во одредени делови на Европа, Блискиот Исток и северна Африка. ![]() СБ 1000 KW предавател (пуштен во работа 29.11.1970)
Целосната реализација на проектот за среднобрановите предаватели во Овче Поле, Маџари и Битола беше изведена од страна на вработените во ООД „Предаватели и врски" под водство на инженерите Ванчо Георгиев, Благоја Ончевски, Ристо Тодоровски, Лазар Данов и Стојан Давчев. Бидејќи покривањето со радиосигнали на првата програма на Радио Скопје, на територијата на Република Македонија, е решено со пуштањето во работа на предавателот во Овче Поле, сите дотогашни предаватели за дополнително покривање од почетокот на 1971 година се вклучуваат во мрежата за емитување на II радиопрограма. И не само што целата енергија се пренасочува кон засилување на среднобрановата мрежа за пренос и емитување на Втората радио програма, туку во 1971 година се пуштаат во редовна работа 10 KW предаватели во Струмица и Гевгелија, во 1972 година во Битола, во 1973 година во Охрид, а во Маџари 20 KW предавател. Предавателите со мали сили, какви што се Кичево, Дебар, Крива Паланка, Делчево, Берово, Ресен и Прилеп, целосно се решија многу подоцна со изградба на нови објекти со 1 KW СБ предаватели, во периодот од 1979 до 1985 година. Во 1987 година за емитување на Првата програма на Радио Скопје во Кичево и Дебар се поставуваат предаватели со сила од 1 KW. СБ предавателите во Охрид и Гостивар се малку поспецифични така што во 1973 година Охрид почнува да емитува Прва програма со 2KW СБ предавател, во јуни 1980 година со 5KW, а во 1992 година со 10 KW предавател. Гостивар во ноември 1981 година зрачи Втора радиопрограма преку новопоставениот 5 KW предавател. ![]() СБ10KW предавател
|
|||||
МРД 










