Фудбал – Куп четвртфинале (реванш)

„Романтичарите“ ги растажија битолчани

04.12.2013 15:57

Работнички и трет пат во меѓусебната куп традиција го елиминираше Пелистер бидејќи на битолскиот пораз од 1:0 одговори со триумфални 2:0 во реванш четвртфиналето. Исцрпени од серијата напорни првенствени дуели, Пелистерци во Скопје дојдоа да се бранат, да не дозволат брза игра и таквата статегија долго ги одржуваше во позитивна ситуација.

Работнички и трет пат во меѓусебната куп традиција го елиминираше Пелистер бидејќи на битолскиот пораз од 1:0 одговори со триумфални 2:0 во реванш четвртфиналето. Исцрпени од серијата напорни првенствени дуели, Пелистерци во Скопје дојдоа да се бранат, да не дозволат брза игра и таквата статегија долго ги одржуваше во позитивна ситуација.

Оптоварен со многу тактика, натпреварот се до финишот беше сиромашен и со фудбалска убавина и со вистински акции и шанси, веројатно затоа што и на двете страни не играа важни офанзивци , повредените Маневски и Жуниор. Во 11-та минута Тодоровски сакаше да центрира, но ја погоди пречката на гостинскиот гол. Дарко Велковски беше непрецизен по нафрлувањето на Тодоровски во 20-тата, а се ќе беше поинаку доколку во 40-та минута Драгарски од пет метри ја искористеше асистенцијата на Елмазовски. Првото полувреме со обид го затвори стоперот на „дебармаалци“ Зајков.

Во вториот дел битолчани свесно се повлекоа многу блиску до сопствениот шеснаесетник, „романтичарите„ заиграа поагресивно, додадоа дополнителен ризик којшто им донесе резултат откако тренерот Ангеловски во игра ги внесе тинејџерите Имери и Марковски. Во 77-та минута Крсте Велковски имаше намера да го проигра Тодоровски, но овој почувствува дека е подобро да ја пропушти топката за Имери и не згреши, 1:0. Фудбалерите на Работнички не сакаа пеналите да го промовираат последниот полуфиналист, продолжија со напаѓачката ориентација и на четири минути до крајот ја одиграа победоносната акција. Имери центрираше, Марковски со петица го проигра Крсте Велковски кој со 20-от гол сезонава, шести во купот го внесе домаќинот во големата четворка, 2:0.

Извлекувањето в петок ќе ја одреди полуфиналната судбина на Работнички кој последните шест години четирипати стигнуваше до мечот за куп трофејот, потоа на Металург, на Брегалница и на бранителот на пехарот Тетекс.