Француски интерес за бизнис

05.12.2013 13:38

Успешни француски бизнисмени

     Претставници на втората најмоќна економија, француската, ги слушна аргументите зошто да инвестираат во Македонија. На бизнис-форумот во Париз организиран од влијателниот Фајненшел тајмс, голем број бизнисмени од најголемата по територија замја во ЕУ беа запознати со реформите што ги спроведува Македонија во изминативе години за да создаде поволна даночна клима и имиџ на атрактивна инвестициска дестинација. Најповолен даночен пакет, најниска цена за почнување бизнис, кратење на бирократските процедури, премиерот Никола Груевски ги спомена индустриските зони и поволностите што се нудат во нив. Инвестициите во образованието за создавање квалитетен кадар, стабилната макроекономска политика од која не се отстапува.

-          Сакам да ве поканам да дојдете во Македонија, да ги видите овие работи, да поразговарате со постојните инвеститори во земјата. Да ги проверите сите работи за кои јас и мојот заменик говоревме. Длабоко да размислите пред да ја донесете вашата следна бизнис-одлука – рече Груевски на форумот.

Еден од учесниците на форумот, сопственик на компанија со 900 вработени и бизнис на повеќе континенти, ги анализирал балканските земји и најголемите предности ги детектирал во Македонија.По бизнис-форумот во Париз ги извести владините претставници дека е се поизвесна неговата одлука да инвестира во Македонија.

-Според автомобилскиот сектор, Македонија е поволно и лесно место за инвестирање во Европа. - За нас е важно што е близу до Романија. Баравме можности во Србија и во Молдавија, кои се исто така близу до Романија, но многу полесно е да се прави бизнис во Македонија, изјави Жан Клод Бонтас од Леман индустри.

 

Искуството од инвестицијата во Македонија со француските колеги го сподели и еден од главните менаџери на Кемет електоникс.

- Баравме конкурентна локација од каде што ќе ги снабдуваме нашите конкуренти во Европа. Направивме евалуација на шест земји во Источна Европа и на Балканот, и Македонија беше нашиот избор, Роберт Вилоуби од „Кемет електроникс“.

Од позиција на новинар, аналитичар, врвен познавач на европската економија, оценка за состојбата во Македонија даде и еден од уредниците на Фајненшел тајмс.Македонија е добро место за инвестиции. Бев во Македонија во март и не знаев што да очекувам.Бев импресиониран колку е лесно да се состанеш со луѓе кои ќе ти ги кажат можностите, кои ќе те претстават на бизнисмени, ќе те претстават на секој за кого си заинтересиран- рече Мајкл Качински.

Форумот во Париз е втор по оној во Лондон  што го организира водечкиот економски магазин во светот со цел да и помогне на Македонија во напорите да ја подобри економската состојба во земјата преку привлекување странски инвеститори.Планирани се уште 11 такви настани не само во најмоќните европски земји туку и во европските џинови низ целиот свет. Добро е кога со помош на Фајненшел тајмс се создава ситуација во која Македонија добива можност да ги претстави  своите можности за водење бизнис преку моќни компании од повеќе сектори на земјата-домаќин. На бизнис-форумот во Париз присуствуваат банкарски, енергетски, ИТ и претставници  на компании од автомобилската индустрија. Многу скоро се очекува една од нив со звучно име од секторот што се повеќе се етаблира во  Македонија да ја објави одлуката за изградба на фабрика кај нас.

 

Горан Петрески