Светот тагува по Мандела

05.12.2013 23:23

Петочно утро и иднина без Нелсон Мандела

 Јужноафриканците со солзи, свеќи и молитва го испраќаат својот сакан Мадиба. Но не му се лутат што ги напушти. Направи многу за нив, за земјата и за целиот свет, се бореше за нив до последно.

Израснав со него. Веста многу ме растажи, но мило ми е што почива во мир, заслужи. Сите не обедини, без него немаше да бидеме пријатели со другар ми. - изјави жителка

Тажна сум, но истовремено мислам дека си ја одигра улогата во животот и го направи тоа одлично. Во ред е што замина, стори се што можеше. – изјави жителка

Светот го испраќа јужноафриканскиот Тата со знамиња на половина копје, потсетувајќи се на неговите вредности и неговата пожртвуваност. Беше и ќе остане пример, светилник на борбата и на мирот, на толеранцијата и помирувањето.

Изгубивме татко. Многумина го викавме Тата. Но нема да жалиме и да плачеме, туку ќе му благодариме на бога што ни го даде овој човек долго оцрнуван како терорист. Архиепископ Дезмонд Туту, борец за човекови права ви Ј. Африка

Многумина во светот беа под големо влијание на неговата несебична борба за човечко достоинство, еднаквост и слобода. Не трогна длабоко и лично. Никој во нашето време не направи повеќе за целите и стремежите на ОН. -изјави Бан Ки Мун, генерален секретар на ОН.

Јас сум еден од милионите инспирирани од животот на Мандела. Моето прво политичко дело беше протест против апартхејдот.-изјави Барак Обама, претседател на САД.

Пред куќата на Мандела и бели и црни, со африкански танци и песни го испраќаат големиот човек. Но отсуството на миротворецот веќе се чувствува – тој ја држеше заедно нацијата на виножитото. И покрај смирувачките зборови од меѓународните пријатели, постои страв од враќањето на апартхејдот во обратна насока. Белите Африканери стравуваат од расните тензии со црнечкото население во ситуација на сиромаштија, невработеност, криминал и корупција во најголемата економија на африканскиот континент.

Ивана Салтировска