НБА Лига

Лејкерс поразени со Коби, Оклахома ја растури Индијана

09.12.2013 16:49

Коби Брајант, еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, се врати на НБА-терените по осуммесечна пауза поради повреда, но повеќе му одмогна, отколку што му помогна тимот на ЛА Лејкерс, којшто во „Стејплс Центар“ загуби од Торонто со 94-106. Заздравен од тешката повреда на Ахиловата тетива, поради која ги пропушти првите 19 меча од новата сезона, тој сепак беше далеку од бројките коишто како на главна ѕвезда на екипата му се постојан препознатлив знак.

Коби Брајант, еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, се врати на НБА-терените по осуммесечна пауза поради повреда, но повеќе му одмогна, отколку што му помогна тимот на ЛА Лејкерс, којшто во „Стејплс Центар“ загуби од Торонто со 94-106. Заздравен од тешката повреда на Ахиловата тетива, поради која ги пропушти првите 19 меча од новата сезона, тој сепак беше далеку од бројките коишто како на главна ѕвезда на екипата му се постојан препознатлив знак. Имаше дури осум загубени топки, а постигна само девет поени (со скромен шут 2/9), забележувајќи уште и осум скокови, четири асистенции и три украдени топки. Сето тоа беше недоволно да им помогне на Лејкерс во финишот од средбата, како што навивачите се навикнати веќе деценија ипол наназад. Откако го замени најдобриот стрелец на тимот Ксавиер Хенри (17 поени од осум шута), Брајант се обиде да ја надомести негативата од шест поени, но на крајот Репторс и ја удвоија предноста. Главен играч на Торонто беше Амир Џонсон со 32 поени и 10 скокови, додека кошаркарите од почетната петорка на Лејкерс Блејк, Брајант, Весли Џонсон, Гасол и Сејкр заедно уфрлија само 23 коша, со шут 8/32.

Во натпреварот којшто требаше да биде најава за евентуалното финале во НБА, Оклахома Сити и одржа лекција на најдобрата екипа во лигата досега, Индијана, торпедирајќи ја со 118-94. Тимот на Тандер го искористи фактот што само ден порано Пејсерс имаа тежок меч со Сан Антонио и славеше убедливо. Најава за тоа беше предноста од дури 29 поени стекната по првите две четвртини. Ланскиот финалист на источната конференција беше далеку од врвната форма во која се прикажа во првите два месеца во сезоната и немаше начин да го избегне само третиот пораз досега. Блескаво издание имаше Кевин Дурант со 36 поени и 10 скокови, Расел Вестбрук оствари ефект од 26 коша и 13 асистенции, додека Пол Џорџ со 32 поени, од кои само шест во првото полувреме, беше единствен на ниво во редовите на Индијана.

Пејсерс немаат време ниту за жалење, ниту за одмор, бидејќи наредна обврска им е пресметката со шампионот од последните две сезони, Мајами. И без Двејн Вејд, „жешките“ му се одмаздија на Детроит за домашниот пораз од пред неколку дена и го совладаа на негов терен со 110-95. Исчекорот го направија во третиот период со серија од 13-2, со којашто побегнаа на 17 разлика, 74-57. Пистонс не можеа позначајно да ја намалат. Леброн Џејмс постигна 24 поени, девет асистенции и седум скокови, а Реј Ален додаде 18 коша.  Во првиот пораз на Детроит по серијата од четири победи, најистакнат поединец беше Андре Драмонд со 19 поени и 14 скокови.

*

НБА Лига, резултати од недела

ЛА Лејкерс – Торонто                      94-106

Оклахома Сити – Индијана             118-94

 Детроит – Мајами                            95-110

Њујорк – Бостон                                73-114

Хјустон – Орландо                           98-88