Фијаско на Аврамопулос – пред Јужна Африка, навратил во Дубаи

10.12.2013 15:30

Јужна Африка виа Дубаи

Јужна Африка виа Дубаи – пред  да отиде на погребот на Нелсон Мaндела во Јоханесбург, грчкиот  министер за одбрана Димитрис Аврамопулос,  без никаква програма, преноќил во Дубаи, информираат дел од грчките портали.

Како што јавува дописникот на МРТ од Атина, под насловот “ Фијаското на Аврамопулос во Јужна Африка”, весникот “Фајненшл прес” пишува:

“ Дознаваме дека Аврамопулос вчера ( 8.12.) заминал со четиричлена придружба на погребот на Нелсон Мандела.  Навистина, затоа министерот за одбрана го откажа состанокот со македонскиот министер за одбрана и според агендата, тој ќе ја претставува грчката Влада на настаните во чест на јужноафриканскиот лидер во Јоханесбург каде што ќе има 59 шефови на држави. Но Аврамопулос и неговата придружба нема да одат право во Јужна Африка, туку ќе направат и една пауза, во Дубаи, едноставно ...без програма”, се вели во текстот на весникот.

“Фајненшл прес” информира и дека враќањето на Аврамопулос е закажано за 12-ти декември, иако погребот на Мандела ќе се одржи на 15-ти.

“ Значи, Аврамопулос оди на погребот, но нема да присуствува на него на 15-ти. Во исто време кога израелскиот министер го откажа патувањето поради трошоците,ние  за среќа , овде во Грција, имаме пари. Но сигурно не за народот, тука за петдневна посета на министерот за турнеи”, се вели во текстот.

На ова реагираа од прес-службата на Министерството за одбрана, одговарајќи дека министерот патува во Јужна Африка за да ги претставува премиерот Андонис Самарас и грчката Влада на официјалната меморијална церемонија за Нелсон Мандела, којашто се одржува денеска.

" На церемонијата ќе има 59 лидери на држави кои за разлика од Аврамопулос, не одат своеволно, туку се поканети по дипломатски канали. Затоа, “фијаското” е базирано на лоши информации” , одговорија од Министерството. =

Но во недостиг на одговор за патувањето до Дубаи, на крајот, “Фајненшл прес” прашува:

“ Наводите  што им се достапни на читателите на “Фајненшл прес” ги отвораат следниве прашања:  Дали, конечно, министерот поминал ноќ во Дубаи и дали со него биле сите членови на делегацијата или некои од нив отишле директно во Јужна Африка и зошто ”, се вели во текстот.

Марија Котовска, постојан дописник на МРТ од Атина