Тенис – Мастерс 1000

И без Надал, интересно во Синсинати

11.08.2014 11:22

Со исклучок на Шпанецот кој е втор на светската ранг листа, на турнирот чиешто прво издание е одржано во 1899-та година, ќе настапат сите други тенисери од ТОП 10...

Без разлика што ланскиот победник Рафаел Надал нема да игра поради повреда, еден од најстарите турнири, седмиот мастерс од серијата 1000 во Синсинати, ќе понуди возбудлив тенис. Со исклучок на Шпанецот кој е втор на светската ранг листа, на турнирот чиешто прво издание е одржано во 1899-та година, ќе настапат сите други тенисери од ТОП 10.

Иако беше елиминиран во третото коло во Торонто, рекетот број 1, Новак Ѓоковиќ ја зголеми предноста во однос на Надал на 1190 бода и е во ситуација по Синсинати дополнително да му побегне на големиот ривал. Србинот брани само 180 бода затоа што минатата сезона загуби во четвртфиналето од Американецот Џон Иснер кој пак, загуби во финалето од Надал. Рекордерот по бројот на мастерс трофеи Надал како и во Торонто ќе остане без 1000 бода. Дополнителен мотив за Ѓоковиќ е и тоа што Синсинати е единствениот турнир од оваа категорија којшто никогаш не го освоил. На српскиот тенисер нема да му биде лесно затоа што, ако нема изненадувања, во евентуалното четвртфинале ќе игра против Жо - Вилфред Цонга од кого загуби на Канада Опен. Со првата мастерс титула во кариерата, Французинот се врати меѓу најдобрите десет тенисери во светот. Втората половина од турнирскиот костур изгледа поинтересно затоа што покрај рекордерот со пет пехари во Синсинати, Швајцарецот Роџер Федерер, се и двојниот шамион Британецот Енди Мареј, како и одличните сервери кои секогаш можат да бидат опасни на „тенискиот бетон“,Канаѓанецот Милош Раониќ кој е шести носител и ланскиот финалист, Иснер.

Порано од вообичаното, веќе се оидграа два меча, па вчера Американецот Сем Квери со 6:3 и 6:1 беше подобар од Колумбиецот Алехандро Фаља, а двојниот финалист Австралиецот Лејтон Хјуит во три сета, 3:6 и двапати по 6:4 го елиминираше Австриецот Јирген Мелцер.

Станардно, на турнирите од мастерс серијата 1000, главните осум фаворити се слободни во првото коло коешто денеска ќе содржи 12 меча, а  ќе стартува со дуелот на централниот терен меѓу Американецот со „специјална покана“„ Мајкл Сок и 16-от носител, Шпанецот Тони Робредо од којшто Македонската телевизија ќе емитува пренос на Собранискиот сервис од 17 часот.