Почна пленарната расправа за државната каса

16.12.2013 20:26

Државната каса за наредната година влезе во финална собраниска процедура

 Во неа се предвидени: зголемување на капитални инвестииции, за што в година ќе бидат искорстени 365 милиони евра, пет процентно зголемување на пензиите,  платите во јавната администрација, на социјалната помош, 140 милиони евра за земјоделски субвенции. Ќе се вложува во инфраструктурата: почнува изградбата на двата нови автопати, на железницата кон Бугарија, на гасоводната мрежа, ќе се инвестира во здравството во нови кличнички центри, во образованието… Ова е Буџет кој ќе овозможи и подинамичен економски раст и социјална стабилност – оцени првиот финансиер.

Ваквото зголемување на платите ќе ја издвои Македонија од другите земји во Европа, кои не само што не ги зголемуваат, туку ги намалуваат платите во јавниот сектор. Ние смогнавме сили и издвоивме средства, а врз прецизни пресметки констатиравме дека можеме да ги зголемиме пензиите и социјалната помош”,изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии на Р. Македонија

Опозицијата реагираше дека на матичната комисија не се разгледале сите поднесени амандмани. Сметаат дека ова е Буџет на желби, со кој граѓаните ќе бидат посиромашни, а Власта ќе располага со повеќе пари.

Ова е Буџет за предизборно манипулирање и купување гласови од пензионерите, корисниците на социјална помош, со ветувања за поголеми плати на администрацијата. Од граѓаните и фирмите земате онолку колку што вие сметате дека треба да потрошите, а не колку што реално тие можат да придонесат”, изјави Маријанчо Николов, пратеник од СДСМ

Буџетскиот дефицит ќе изнесува 3,5 проценти или 297 милиони евра, што според Ставрески е оптимално ниво за македонската економија. Тој ќе се финансира од домашни и од странски извори. Инфлацијата е проектирана на 3,3, додека растот на БДП на 3,2 процента.

Согласно утвредените правила на игра, расправата во Собранието треба да заврши за пет дена, по што државната каса за наредната година ќе добие зелено светло од народните избраници. Буџетот за 2014-та е најголем досега, и ќе тежи 2,87 милијарди евра.