Формула 1: Даниел Рикардо замена на Марк Вебер во Ред Бул?

19.08.2013 14:51

И покрај бројните шпекулации за тоа кој ќе седне во вториот болид на Формула 1 шампионскиот тим Ред Бул откако ќе заврши тековната натпреварувачка кампања, најверојатно сепак нема да сме сведоци на „звучен трансфер“.

Наводно, Ф1 пилотот на екипата Торо Росо Даниел Рикардо, од следната сезона ќе го замени колегата Марк Вебер во австрискиот табор, ексклузивно дознава  „Спортбилд“.

Австралиецот пред некој месец најави повлекување од „најбрзиот циркус“ на светот, а токму младиот сонародник Рикардо постојано го наведуваше како свој фаворит за местото зад управувачот на Ред Бул.

Сопственикот на екипата, Дитер Матешич, заедно со најблиските соработници долго време бараше решение и се чини дека го најде во Рикардо.

Во Ред Бул сметаат дека талентираниот австралиски автомобилист ќе биде идеален партнер на Себастијан Фетел во 2014-та година, како и во сезоните кои што доаѓаат потоа.

Даниел Рикардо од 2008-та година е дел од проектот „Ред Бул Јуниор“, како еден од најнадежните Формула 1 пилоти. Беше пуштен во Торо Росо, филијала на Ред Бул, каде што минатата сезона возеше одлично и освои 21 поен.