Против УНИКС за крај на европската авантура

18.12.2013 12:59

Македонксиот кошаркарски шампион, со реваншот против рускиот претставник, ќе ја заокружи дебитантската сезона во УЛЕБ Еврокуп натпреварувањето. Нема подобар противник од УНИКС Казањ за крај на една, од спортски аспект гледано успешна презентација на македонскиот спорт, но од резултатска страна гледано, лекција што треба добро да се научи.
 
Македонксиот кошаркарски шампион, со реваншот против рускиот претставник, ќе ја заокружи дебитантската сезона во УЛЕБ Еврокуп натпреварувањето. Нема подобар противник од УНИКС Казањ за крај на една, од спортски аспект гледано успешна презентација на македонскиот спорт, но од резултатска страна гледано, лекција што треба добро да се научи.
 
Со присуството меѓу тимовите што го сочинуваат второто по ранкинг европско клупско натпреварување, МЗТ Скопје Аеродром достојно ја промовира македонската кошарка во континентални рамки, потсетувајќи го светот дека и на ова мало парче балканска земја се игра клупска кошарка.
 
Моментот што е загрижувачки, се конкретните резултати. УЛЕБ мечевите ни покажаа дека за два силни фронта, на Аеродромци им се потребни два силни состава. Потребна е свежина, кондициска подготвеност да се издржат и натпреварите и патувањата, потребна е ротација на секоја позиција. Потребна е огромна машинерија за поддршка на ваков, слободно може да го наречеме гигантски проект, барем за наши услови.
 
Во 9 одиграни натпревари, нашиот претставник во групата Г забележа дури 8 порази. Повеќето беа последица на заморот и на повредите, во сезона што доаѓа по напорно и исцрпувачко континентално репрезентативно првенство (на кое што настапуваа тројцата носители на играта) и воедно се игра паралелно со безмилосното регионално натпреварување.
 
Новиот тренер Мартич, донесе двајца нови кошаркари. Првиот, Србинот Иван Маринковиќ имаше солидна партија во победата против Црвена Звезда (11 поени, 3 скока, 2 украдени топки за 19 минути игра. Вториот, Американецот Карл Џонс ќе дебитира на следната средба во регионалното натпреварување.
 
Татарстанците се на врвот во нашата група, со 9 победи во 9 средби. Ги предводи слекторот на Грција, Италијанецот Андреа Тринкиери. Во стручниот штаб е и кондициониот тренер Сандро Бенкардино, кој што, според најавите од Македонската Кошаркарска Федерација, пред мечот ќе добие свечен подарок, дрес од нашата репрезентација за заслугите и учеството во стручниот штаб што не одведе до полуфиналето во Литванија.
 
 
Влезот на натпреварот што ќе се одигра од 18 часот, во СЦ Борис Трајковски, е слободен со одлука на раководството на МЗТ Скопје, кое што, како што стои во соопштението до јавноста, сака да ги награди верните следбеници за безрезервната поддршна на дуелот со Црвена Звезда. По мечот со УНИКС, што ќе го емитуваме во живо на МТВ, МЗТ Скопје Аеродром ќе се сконцентрира на примарната задача, а тоа е продолжување на победничкиот ритам во јадранската АБА Лига.
 
Бранко Чупески