На Светското клупско првенство на ФИФА

Баерн Минхен го чека противникот во финалето

18.12.2013 13:20

Вечерва ќе биде познат вториот финалист на Светското клупско фудбалско првенство, кое се одржува во Мароко. Во полуфиналето екипата на земјата домаќин, Ража Казабланка, се среќава со јужноамериканскиот шампион, Атлетико Минеиро.

Вечерва ќе биде познат вториот финалист на Светското клупско фудбалско првенство, кое се одржува во Мароко. Во полуфиналето екипата на земјата домаќин, Ража Казабланка, се среќава со јужноамериканскиот шампион, Атлетико Минеиро.

Прва звезда кај Бразилците, кои се актуелни победници на Копа Либертадорес, е поранешниот најдобар светски фудбалер Роналдињо, кој беше дел од ’’кариоките’’ на Светското првенство во 2002 година, кога Бразил ја освои последната, петта титула. За Атлетико Минеиро ова ќе биде прв натпревар на турнирот, поради привилегијата која ја имаат шампионите на Јужна Америка и на Европа, да стартуваат директно од полуфиналето. Од друга страна, Ража Казабланка се пласира меѓу четирите најдобри, со победата над претставникот на Океанија, Оукланд Сити со 2:1, а потоа и против мексиканскиот Монтереј, со 2:1 по продолженијата. Мароканците се првиот клуб од Африка, кој настапил на Светско клупско првенство. Во 2000 година ги загубија сите три натпревари, но во сите одиграа одлично. Против Коринтијанс беше 0:2, против Ал Наср 3:4, и против Реал Мадрид, 2:3.

Натпреварот меѓу Атлетико Минеиро и Ража Казабланка, се игра на ’’Стад де Маракеш’’, со почеток во 19.30 часот. Истиот термин е предвиден за големото финале, во кое победникот ќе му се спротивстави на европскиот шампион Баерн Минхен, на 21 декември во 19.30 часот. Истиот ден во 16.30 часот, поразениот ќе се соочи со кинескиот тим Гуангзу Евергранде, во борба за бронзениот медал.