Почнува меѓународниот саем ТЕХНОМА

15.10.2013 13:21

Скопски саем од денеска до 19 овој месец e домаќин на 39. издание на Меѓународниот саем на металургија, електроника, енергетика, неметали, градежништво, обезбедување и заштита ТЕХНОМА 2013

 
Најавено е присуство на повеќе од 200 домашни и странски компании од кои 50 со групно учество од Италија, Грција, Бугарија, Словенија и Хрватска.
 
Во фокусот на програмите на изложувачите и годинава останува заштедата на енергијата, а најпроактивни ќе бидат малите и средните претпријатија, оценуваат од Скопски саем.
 
Паралелно со ТЕХНОМА 2013 на Скопски саем ќе се одржат и 14. Меѓународен саем на занаетчиство и мало стопанство, 33. Меѓународна изложба на иновации - МАКИНОВА, како и Изложба на агромеханизација како сегмент на 63. Меѓународен саем за широка потрошувачка АГРОФУД.Меѓународната асоцијација Централна европска алијанса на саеми, пак, организира средба на експерти на тема „Еколошки места за настани“.
 
Од Скопски саем истакнуваат дека интересот за учество на ТЕХНОМА воопшто не се намалува и оти по бројност учесниците ќе бидат како и минатата година. Намален е изложбениот простор, односно ќе се изложува на површина од 12.000 метри квадратни, а како причина се наведува настојувањата на компаниите да ги намалат трошоците за изложба на експонати.
 
На Меѓународната изложба на иновации МАКИНОВА е најавено претставување на стотина експонати, 30 од Македонија, 10 како младинско творештво и по 10 од Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Ќе бидат изложени и експонати од меѓународни изложби.
 
Како заеднички дел од АГРОФУД и ТЕХНОМА, според најавите, ќе биде изложувањето на агромеханизацијата во дворот пред Управната зграда на Скопски саем, а најавено е и прогласување најпроактивен земјоделец.