Светски ден на белиот стап

15.10.2013 14:01

Oд плоштадот „Македонија“ до домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“ денеска ќе почне одбележувањето на Светскиот ден на Белиот стап - 15 Октомври

 
Со дефиле од плоштадот „Македонија“ до домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“ денеска ќе почне одбележувањето на Светскиот ден на Белиот стап - 15 Октомври, во организација на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија (НССРМ).
 
На дефилето ќе учествуваат Бели стапчиња со маички со лого на НССРМ, каде ќе се делат флаери со текст за белиот стап како сообраќаен знак согласно Законот во Република Македонија.
 
На одбележувањето ќе се обрати министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, а ќе биде промовирана и книгата „Мојот живот без вид“ од Димитар Дерменџиевски, која е уредена од Михаил Белдедовски. Авторот е основач и прв претседател на Сојузот на слепите на Република Македонија, борец за достоинството и за правата на слепите лица, за националните права на македонскиот народ меѓу двете Светски војни, учесник во НОБ и доследен борец за слободна, независна и самостојна држава Македонија.
 
Во холот на „Даре Џамбаз“ ќе биде отворена изложба на тифло-технички помагала и ракотворби од слепи лица.
 
Националниот сојуз на слепите во Македонија делува од 1946 година, со цел да ги подобри условите за живот и работа на слепите лица, како и нивна социјализација и интеграција во општествената заедница. Во него членуваат повеќе од 2.500 слепи лица.