„Мејвен“ влезе во орбитата на Марс

22.09.2014 11:52

Целта на мисијата вредна 670 милиони долари е да открие колку од атмосферата на црвената планета истекла во далечното минато и како тоа придонело за екстремните климатски промени...

По 10 месеци и поминати над 700 милиони километри, вселенското летало Мејвен на НАСА влезе во орбитата на Марс.

Целта на мисијата вредна 670 милиони долари е да открие колку од атмосферата на црвената планета истекла во далечното минато и како тоа придонело за екстремните климатски промени.

Лицата задолжени за летот во следните шест месеци ќе ја регулираат височината, на која ќе работи леталото и ќе ја проверуваат научната апаратура. Мејвен потоа ќе почне со земање примероци од горните слоеви на атмосферата на Марс. Леталото ќе работи од орбитата и нема да слетува на Марс.

Мејвен беше лансирана на 18 ноември минатата година. Ова е првата мисија, која ќе ја истражи атмосферата на Марс и начинот на кој таа се променила во историјата на планетата. Со помош на девет уреди научниците ќе се обидат да се дознаат на каков начин и зошто атмосферата од густа и влажна се претворила во толку ретка и сува. Научниците претпоставуваат дека веројатна причина за тоа е сончевиот ветер.

Друга важна задача на Мејвен е да ја одржи врската со двата ровери на Марс, кои ја продолжуваат мисијата.