Нов тренер на „Вајт Харт Лејн“

Шервуд на жешката клупа на Тотенхем

24.12.2013 12:45

Тим Шервуд е именуван за менаџер на Тотенхем на полноважна основа. По неделниот триумф од 3-2 во Саутемптон, управата на лондонскиот клуб ја укина неговата функција како привремен вршител на должноста и му даде доверба да седи на тренерската клупа до крајот на премиерлигашката сезона 2014/2015.

44-годишниот Шервуд претходно го наследи Андре Вилаш-Боаш, кој минатата недела беше отпуштен по серијата бледи резултати и скромниот биланс од само две победи во последните седум првенствени кола.

„Веруваме дека Тим има и знаење и сила да го поведе составот напред“, рече претседателот на Тотенхем Даниел Леви за официјалната интернет страница на клубот. „Имаме одличен состав, а на играчите им должиме врвен тренер којшто ќе го извлече најдоброто од нив во претстојниот дел од сезоната“, стои во обраќањето на Леви.

Во текот на играчката кариера Шервуд беше член на шампионскиот тим на Блекбурн од 1995, а четири сезони го носеше и дресот на Тотенхем, од 1999 до 2003. Потоа се пресели во Портсмут, но во 2008 се врати во Лондон како дел од тренерскиот тим на Хари Реднап. До пред десетина дена беше технички координатор во клубот.

Веднаш по разделбата на клубот со Вилаш-Боаш, под водство на Шервуд Тотенхем беше елиминиран од Вестхем во Лига Купот, но го издигна клубот до гостински триумф во Саутемптон, со што ги освои симпатиите на управата и ја заслужи довербата од Леви. Веднаш по мечот јасно рече дека би сакал многу брзо да ја дознае својата иднина во клубот. Леви го испочитува неговото барање.

По заминувањето на Вилаш-Боаш, со тренерската позиција на Тотенхем се поврзуваа звучни имиња како Фабио Капело, Гус Хидинк, Михаел Лаудруп, како и поранешниот тренер на клубот и селектор на англиската репрезентација Глен Ходл.