Тајната е во силиконот!

15.10.2014 21:56

За еден ден ќе се лоцира генот кој го предизвикал ракот и ќе се препише соодветна терапија. И сето тоа благодарение на мноштвото податоци што се собираат во една база. Преку аналитичен софтвер ќе се следи развојот на болеста. Ова се предвидувањата на експертите од ИНТЕЛ, американската компанија за процесори...

До 2020-та многу брзо ќе се утврдуваат причинителите и на најтешките болести. За еден ден ќе се лоцира генот кој го предизвикал ракот и ќе се препише соодветна терапија. И сето тоа благодарение на мноштвото податоци што се собираат во една база. Преку аналитичен софтвер ќе се следи развојот на болеста. Ова се предвидувањата на експертите од ИНТЕЛ, американската компанија за процесори.
 
„Тоа е исто како со паркингот- колку автомобили има. Треба да се искористат податоците за да ги направиме прогнозите попрецизни“, рече Шенон Поулин, на годишната конференција на ИНТЕЛ, што се одржа денеска во Лондон.
 
Можеа да се слушнат фасцинантни решенија што веќе се применуваат на различни страни од светот. Така, постојат таканаречени интелигентни клима уреди; или решение со кое, преку акустични сензори во големи згради, една градежна компанија го надминала проблемот со расипаните чешми од кои капе вода.
 
Транспортна компанија заштедила 17 % од горивото со тоа што од еден центар ги контролирала движењата на целиот свој возен парк и начинот на кој управуваат возачите. Филип Мојне, директор во ИНТЕЛ вели дека не треба да се измислува топла вода, туку да се искористат работите што веќе постојат.
 
„Ако сакаме лустерот да го поврземе со интернет и да му даваме команди, тоа и треба и може да се направи“, смета Мојне.
 
Во однос на мобилната технологијата, прогнозите се дека до 2023 година обемот на сообраќај ќе порасне за 1.000 пати споредено со сегашниот. Тоа е логично зашто, на пример, гледањето телевизија на мобилен ќе стане секојдневна работа. Тоа ќе ги тера компаниите да бараат решенија и постојано да инвестираат во инфраструктурата за да го зголемат капацитетот.
 
„Така заработката ќе им опаѓа наспроти драстично зголемениот пренос на податоци“, оценува Роуз Шулер од ИНТЕЛ.
 
Најголем дел од напорите во технологијата во иднина ќе се троши на безбедноста.
 
„Паѓа цената на украдените кредитни картички, но расте цената на информацијата од клиентот, неговиот број на пасош, здравствената карта и слично“ , вели Мојне.
 
Затоа, американската компанија веќе има разработено технологија за заштита на податоците при банкарска трансакција. Софтверски систем гарантира криптиран тунел и не е податлив за хакерите.
 
ИНТЕЛ денеска објави дека во третиот квартал остварил рекорден профит од 14,6 милијарди долари. Првпат во постоењето испорачал повеќе од 100 милиони микропроцесори во еден квартал.
 
Американската корпорација има успешна соработка со македонската влада во делот на образовниот процес. Предизвика интерес во јавноста  со програмата "1:1" за работа на мали лаптопи од прво до четврто одделение во основните училишта.
 
Душко Арсовски, спецјален известувач од Лондон за МРТ