Тенис

Ѓоковиќ го збриша Чилиќ во Лондон

10.11.2014 23:18

Трикратниот освојувач на овој турнир во најкусиот меч во историјата на овој настан, го прегази Марин Чилиќ кој во двата сета за 56 минути и 42 секунди игра , освои само два гејма...

Првиот светски тениер Новак Ѓоковиќ на импресивен начин го отвори финалниот АТП Мастерс во Лондон на кој ја брани титулата.

Трикратниот освојувач на овој турнир во најкусиот меч во историјата на овој настан,  го прегази Марин Чилиќ кој во двата сета за 56 минути и 42 секунди игра , освои само два гејма.

Србинот ја загуби и тоа без освоен поен само првата игра, а потоа во голем стил и фуриозен ритам нанижа осум гејма , го доби првиот сет и најави лесен триумф.

Својот дебитантски настап на Мастерсот, во најуспешната сезона со прв Гренд слем трофеј, хрватскиот тенисер ќе мора брзо да го остави зад себе и тоа со само еден успешен гејм и еден брејк.  

Ѓоковиќ му го нанесе најтешкиот пораз во меѓусебните мечеви и поведе со 11-0, најавувајки дека е во топ форма. На најголемиот фаворит во О2 арената во Лондон сега му се потребни уште две победи за да остане број 1 во светскиот тенис оваа година.

Ако пак  триумфира, ќе биде првиот тенисер по Иван Лендл, кој успеал да слави трипати по ред на завршниот судир на најдобрите осум во сезоната.