Тенис – АТП Финале Лондон 2014

Новак собира титули во Лондон и без финален меч!

16.11.2014 20:52

Србинот ја освои четвртата титула од овој ранг и трета по ред, сите без загубен меч, со што се израмни со Иван Лендл...

Новак Ѓоковиќ ја продолжи шампионската серија во Лондон, овојпат без освоен поен затоа што поради преголеми болки во грбот Роџер Федерер не можеше да го одигра финалето на 45-от завршен турнир на сезоната.

Србинот ја освои четвртата титула од овој ранг и трета по ред, сите без загубен меч, со што се израмни со Иван Лендл. Низата победи на Новак во Лондон стигна до 15, во сала до 32. Трета година од последните четири, Ѓоковиќ ја заврши како најдобар светски тенисер и тоа со седум титули, четири мастерс, односно најмногу на „АТП Тур“во 2014-та или вкупно 48 во кариерата. Со пехарот в раце, на којшто спортски не му се израдува, Ноле одбрани 1500 поени и заработи нови 2 милиони долари.

По вчерашното исцрпувачко полуфинале против Станислас Вавринка, рекордерот со шест титули Федерер цела ноќ се мачел со болките во грбот коишто не престанале ниту денеска по медицинсите третмани и по повеќечасовниот одмор. Триесетина минути пред предвидениот почеток на 37-от дуел со Ноле, Роџер и се обрати и и се извини на публиката во О2 Арената.

За барем малку тениско уживање се погрижи Енди Мареј кој прифати да одигра егзибициски сет со другарот уште од тинејџерските денови. И во него Ѓоковиќ беше подобар со 8:5.