МКФ го промовираше новиот селектор на кошаркарската репрезентација

Џикиќ најавува подмладување, можна е и натурализација на нови играчи

30.12.2013 14:04

Македонската јавност го запозна новиот селектор на кошаркарите. Србинот Александар Џикиќ ги претстави своите идеи, пред и официјално да седне на жешкото столче. За само 4 години, А селекцијата стигна до височините резервирани за ретките видови, за потоа да тресне на земја под прав агол. Колку третиот странец на оваа позиција, по неговиот сонародник Јовица Арсиќ и по Алеш Пипан, е свесен за очекувањата на Македонците.

„Ќе го анализираме формациски она што го имаме и таму каде што ќе има потреба, ќе се интервенира дали со натурализација на уште некој играч, или ќе ги користиме тие што веќе имаат пасоши“, најавува Џикиќ.

„Јас верувам дека сум сериозен кошаркарски тренер во пристапот, а за квалитетите нека зборуваат другите. На мојата работа и пристапувам со радост и во моментов немам никакви притисоци“, вели новиот селектор.

Подмладувањето на селекцијата е неизбежно. Пред квалификациите за следниот Евробаскет коишто ќе се играат во август, Џикиќ се соочува со откажувања на Перо Антиќ, Владо Илиевски, сигурно на Тодор Гечевски, а можно е и на Ѓорѓи Чековски. На големо се шпекулира дека и Бо МекКејлеб нема да се врати во националниот состав.

„Сакаме да најдеме нови лидери во играчите коишто во минатото имале други улоги. Тоа е природен процес и мора да се спроведе, од едноставна причина што дел од мојата работа ќе биде и почеток на смена на генерациите. Тоа ќе мора да се направи, но сигурно нема да го изведеме насилно“, вели новиот селектор.

Александар Џикиќ има 42 години, неговата тренерска кариера почна во 1991, во младинскиот погон на Партизан. Пред да стане прв тренер, беше асистент во Партизан и во Минесота, Сан Антонио и во Сиетл во НБА лигата. Од 2008, ги предводеше Олимпија и Крка, во Лиетувос Ритас беше со Предраг Самарџиски, а во моментов повторно е во Крка. Три пати беше шампион на Словенија и еднаш триумфира во ФИБА Еврочелинџ купот.