Дејвис куп

Федерер конечно тренираше, но сам!

20.11.2014 17:19

Финалето на 103-то издание, меѓу Франција и Швајцарија има неколку причини што го прават дополнително привлечно...

Дејвис купот е најстарото тениско екипно натпреварување и традицијата е една од причинита за неговата важност. Финалето на 103-то издание, меѓу Франција и Швајцарија има неколку причини што го прават дополнително привлечно.

Главната е дека еден од најдобрите тенисери во историјата и рекордер со седумнаесет грен слем титули, Роџер Федерер никогаш не ја освоил популарната „салатара“. Швајцарецот победуваше на сите големи турнири, има и олимписко злато, навистина во двојки, но првпат ќе игра за трофејот во Дејвис купот. Единственото финале на Швајцарија е во 1992-та година кога Федерер се уште не беше во врвот на светскиот тенис. По повредата на грбот поради којашто го пропушти финалето на завршниот турнир во Лондон, Федерер конечно тренираше, но одвоен од другиот дел од екипата, најверојатно како резултат на караницата со репрезентативниот колега Станислас Вавринка.

Французите пак, со девет титули, заедно со Велика Британија, се на третата позиција на вечната листа и клучната предност во финалето ја гледаат во домашниот и земјен терен во Лил. Тридневната Дејвис куп програма ќе се одржи на стадионот Пјер Морој чијшто покрив ќе биде затворен, а капацитетот намален од 50 илјади на 27 илади. Сите влезници се рапродадени за финалето коешто ќе стартува со утрешните сингл  мечеви Жо - Вилфред Цонга - Вавринка и Гаел Монфис - Федерер.