Швајцарија триумфира над Франција во Девис купот

23.11.2014 17:19

Со победата над Ришар Гаске во 3 сета 17 кратниот освојувач на трофеи на “Грен слем“ турнирите и обезбеди на Швајцарија прв триумф во 115 годишната историја во Девис купот...

Само една недела откако се повлече пред големото финале на Мастерсот во Лондон, Рожер Федерер го освои последниот голем трофеј кој му недостасуваше. Со победата над Ришар Гаске во 3 сета 17 кратниот освојувач на трофеи на “Грен слем“ турнирите и обезбеди на Швајцарија прв триумф во 115 годишната историја во Девис купот.

Легендарниот швајцарски ас ја заврши работата за 102 минути, кога во доминантна игра по 13 пат го совлада Гаске во нивното 15 соочување, по сетови со 6 :4 и на двапати со по 6 :2, за недостижна предност над Франција од 3 : 1. Пред рекордни 27,448 гледачи во Лил тоа беше решавачката победа во големото финале, со која Швајцарија стана 14 нација во историјата на спортот која ја освоила популарната “салатара“. Тоа го најави уште во петокот Стан Вавринка со победата над Жо Вилфред Цонга во 4 сета, а на чекор до трофејот Швајцарците дојдоа по вчерашниот успех во двојки, кога тандемот Федерер –Вавринка со 3 :0 во сетови ги надвиси домаќините Бенето и Гаске.