Кошарка, АБА Лига

МЗТ Скопје го надигра Солнок за победнички влез во 2014

04.01.2014 12:18

МЗТ Скопје му се реваншираше на Солнок за поразот во Унгарија и победнички влезе во новата 2014. Македонскиот кошаркарски првак славеше синоќа со 73-63 во мечот којшто го отвори 15.коло во АБА Лигата, остварувајќи го седмиот успех сезонава во регионалната конкуренција.

МЗТ Скопје му се реваншираше на Солнок за поразот во Унгарија и победнички влезе во новата 2014. Македонскиот кошаркарски првак славеше синоќа со 73-63 во мечот којшто го отвори 15.коло во АБА Лигата, остварувајќи го седмиот успех сезонава во регионалната конкуренција.

Против ослабените Унгарци, кои во Скопје дојдоа осакатени со само деветмина играчи, а им го немаше МВП играчот на Лигата, американскиот плејмејкер Вили Ворен, Аеродромци немаа најдобар шут (45,2%) и на доста тешко се справуваа со зонската одбрана на ривалот, но на крајот се радуваа најмногу поради цврстината и сигурноста коишто ги покажаа во играта во дефанзива. Барем во одбраната не беше проблем ниту отсуството на Урош Лучиќ, кој е последниот играч којшто се најде на болничката листа и поради поврдеа на стапалото извесно времќе биде надвор од терените.

Успешно деби во дресот на МЗТ имаа двете најнови засилувања, Сеад Шеховиќ и Александар Цветковиќ. Црногорскиот репрезентативец Шеховиќ на позицијата „два“ во целост ја исполни довербата којашто му ја укажа тренерот Зоран Мартич и возврати со 18 коша (шут 6/10 за два и 2/5 за три поени) четири скокови и две асистенции. Цветковиќ, пак, кој дојде на заем од Црвена Звезда, беше солидна поткрепа на првиот плејмејкер Оташевиќ и заврши со 10 поени и четири скокови, но имаше и забележитлна улога во играта во одбраната.

Двоцифрен кош-ефект имаше уште Иван Маринковиќ, уште еден играч за кого ова беше само трет настап по доаѓањето во Скопје, со 11 поени, пет скокови и една асистенција. Случајно или не, ова е триото коешто изби во преден план, а некако во подредена улога, барем според статистичкиот ефект, се најдоа староседелците во тимот на МЗТ. Кејд Дејвис постигна 9, Ѓорѓи Чековски 8, Тодор Гечевски 7, а Дамјан Стојановски само пет поени. Очигледно е дека во концепцијата којашто ја гради тренерот Мартич, а во која значителна улога ќе имаат новаците во тимот, секој од „домашните“  играчи ќе треба допрва вистински да се покажува.

Во редовите на Солнок најдобри беа Мартон Бадер со 16 поени и девет скокови и Страхиња Милошевиќ, којшто даде 14 поени, а имаше и шест скокови.

15.коло во АБА Лигата продолжува денеска (сабота) со натпреварите: Крка-Цедевита, Црвена Звезда-Игокеа (пренос од 17 часот на Собраниски), Цибона-Олимпија и Широки-Раднички. Утре (недела) се игра дуелот Задар-Раднички, а в понеделник Мега Визура-Партизан.