Федерер на чекор до јубилејната 1.000 победа

10.01.2015 19:57

Прворангираниот играч на турнирот во Бризбејн обезбеди меч за трофејот, но што е уште позначајно ја оствари својата 999 победа во кариерата...

Рожер Федерер се пласира во финалето на АТП турнирот во Бризбејн, каде што ќе се соочи со Милош Раониќ. Во полуфиналето, феноменалниот швајцарски тенисер експресно го совлада Бугаринот Григор Димитров во два сета, и во двата со по 6 : 2 во гејмови. Прворангираниот играч на турнирот во Бризбејн обезбеди меч за трофејот, но што е уште позначајно ја оствари својата 999 победа во кариерата.

Во историјата само Џими Конорс (1.253) и Иван Лендл (1.071) имаат над 1.000 победи, а Федерер до магичниот број победи може да дојде уште утре, доколку во финалето го совлада Милош Раониќ. Канаѓанецот со  2 : 1 го совлада Јапонецот Кеи Нишикори, во меч кој во сите три сета се играше “тај брејк“ и каде благодарение на 34 сервирани аса, Раониќ успеа да слави. Федерер има 7 победи во 8 меѓусебни пресметки со Раониќ и во финалето влегува како фаворит за освојување на 83 трофеј на АТП турнирите.