Оскари: Доделени номинациите за најпрестижната филмска награда

15.01.2015 17:06

Во трката за најдобар филм на годината се филмовите „Американски снајпер“, „Момчештво“, „Хотел Гранд Будимпешта“, „Игра на имитација“, „Селма“, „Теорија на сѐ“ „Камшикување“ и „Човекот птица“...

Филмската академија ги додели номинациите за најгламурозната  манифестација на годината, Оскарите. Имињата ги соопштија актерот Крис Пајн, претседателката на Академијата Шерил Бун Ајзекс и режисерите Алфонсо Куарон и Џеј Џеј Абрамс. Во трката за најдобар филм на годината се филмовите „Американски снајпер“, „Момчештво“, „Хотел Гранд Будимпешта“, „Игра на имитација“, „Селма“, „Теорија на сѐ“ „Камшикување“ и „Човекот птица“.

За најдобар главен актер се натпреваруваат Стив Карел, Бредли Купер, Бенедикт Камбербач, Мајкл Китон и Еди Редмејн. Во категоријата најдобра главна женска улога влегоа Марион Котијар, Фелисити Џонс, Џулиен Мур, Розамунд Пајк и Рис Витерспун. Номинирани за најдобра машка споредна улога се актерите Роберт Дувал, Итан Хок, Едвард Нортон, Марк Рафало и Џеј Кеј Симонс, додека пак меѓу најдобрите актерки во споредна улога се најдоа Патриша Аркет, Лора Дерн, Кира Најтли, Ема Стоун и Мерил Стрип којашто го урна сопствениот рекорд по број на номинации.

За најдобар режисер за 2015-та се номинирани Алехандро Инариту за филмот „Човекот птица“, Ричард Линклејтер за „Момчештво“, Бенет Милер за „Ловец на лисици“, Вес Андерсон за „Хотел Гранд Будимпешта“ и Мортен Тилдум за „Игра на имитација“. Најмногу номинации, а воедно и најголеми шанси за освојување на оскарот се филмот „Хотел Гранд Будимпешта“ и „Човекот птица“.

87-то доделување на најпрестижната филмска статуетка ќе се одржи  на 22 февруари во холивудскиот „Долби театар“, а домаќин на манифестацијата ќе биде актерот Нил Патрик Харис. 

 

Марина Автовска