Како до канцеларија без кабли?

30.01.2015 22:31

Американската компанија Интел, на конференција во Лондон, ја претстави петтата генерација процесори кои даваат одговор на овие барања. Нудат безжични иновации, со вградена безбедност, побрзи перформанси и подобрено управување...

Апетитите постојано растат и не само на оние кои се вљубеници во технологијата. Прво ни требаа електронски уреди кои работат брзо. Потоа се бараше нешто лесно како пердув и во компактна верзија. На крајот дојде она што логично следува- како компјутерите, печатарите, прожекторите да функционираат без да се сопнуваме од кабли? И кога повеќе нема да ни требаат лозинки?

Американската компанија Интел, на конференција во Лондон, ја претстави петтата генерација процесори кои даваат одговор на овие барања. Нудат безжични иновации, со вградена безбедност, побрзи перформанси и подобрено управување. Ова е задоволување на потребите на се повеќе мобилната и динамична работна сила. Крајната цел е да им овозможат на работниците и фирмите подобрена продуктивност и конкурентност“ , смета Том Гарисон од менаџментот на Интел. Приказната почнала со императивот да се поедностави работниот простор, да се реорганизира, да се тргнат ѕидовите меѓу вработените и да се овозможи поголема комуникација и идеите да се движат. Колку е ова важно за модерниот бизнис нека послужи и следниот податок. Една американска компанија одвоила буџет од 1 милион долари за да се создаде решение кои ќе ја подобри работата во канцеларија. Во Лондон можеше да се слушне  предвидување дека до 2018 година автоматизацијата на рутинските секретарски должности ќе донесе и до 140 милиони помалку работни места во светот. „ Но во исто време рапидно ќе се зголеми бројот на работни места во секторот услуги, благ раст ќе има во индустријата, а ќе опаѓа во земјоделството“ , проценува Џеневив Бел од Интел.  Овој антрополог по струка беше вистинско изненадување на конференцијата. Можеби е чудно за компанија која се занимава со развој на технологијата, но Бел е повеќе од потребна таму. Таа ги проучува луѓето, нивните потреби и тоа го преточува во иновативни технолошки решенија.

Неколку такви беа презентирани на настанот во британската престолнина на кој се собраа медиуми од различни страни на светот. МТВ имаше можност да го проба најтенкиот и најлесен лап топ направен од графит. Тестиравме колку е издржлив таблет компјутер кога ќе падне од височина и згора на тоа врз него ќе истуриме вода. Вистинска револуција е лап топ чија батерија издржува 16 часа работа.  Со отстранување на жиците, обезбедувањето извонредни перформанси, со векот на батеријата , и со изборот на оптимална форма за да се задоволат потребите на секој вработен во целиот спектар на иновативни дизајни, создадена е бизнис платформа која ќе го промени начинот на вршење на работата. И што е најважно носи заштеди.

Душко Арсовски, од Лондон за МРТ

 

Интел е партнер на македонската Влада во проект за децата од основните училишта.