Тенис - Австралија Опен

Серена Вилијамс кралица на Мелбурн!

31.01.2015 17:57

Во дуелот на двата најдобри тенисерки во светот, Серена со 6:3 и 7:6 ја продолжи доминацијата против Марија Шарапова којашто трае 10 години и 16 дуели...

По пет години, Амеркинката Серена Вилијамс ја освои шестата титула во Мелбурн, вкупно 19-та грен - слем во кариерата со што ги надмина сонародничките Крис Еверт и Мартина Навратилова и се израмни со Хелен Вил Муди. На вечната листа сега пред неа се само Германката Штефи Граф со 22 и Австралијката Маргарет Корт со 24 трофеи.

Во дуелот на двата најдобри тенисерки во светот, Серена со 6:3 и 7:6 ја продолжи доминацијата против Марија Шарапова којашто трае 10 години и 16 дуели. За 1 час и 40 минути Американката оствари 38 или 17 повеќе директни поени, без разлика што направи плус 10 неизнудени грешки во однос на Русинката.

Желба ми е да ја достигнам Граф, изјави Серена Вилијамс, би сакала да можам да сервирам 200 километри на час, рече Шарапова, по триумфот на американката во финалето на првиот сезонски грен - слем, Австралија опен. Вкупниот меѓусебен биланс сега е 17:2 за Вилијамс.

Во машкото финале утре како и во 2013-та и 2011-та ќе играат Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј. И во двата дуела поуспешен беше Србинот кој досега не загуби ниту едно од четирите финалиња во Мелбурн, за разлика од Британецот кој беше поразен во трите.