Анализа на италијански Капитал

Македонија – скриен бисер на Балканот

08.01.2014 16:40

Италијанскиот економски месечник Капитал, во декемвриското издание, со анализа за економските реформи во Македонија

Македонија е скриен бисер на Балканот која ги нуди најдобрите услови за водење бизнис во Европа. Рамниот данок од 10 проценти, специјалните економски зони и минималната бирократија на оваа земја и донесоа висока позиција во рангирањето на Дуинг бизнис, а Македонија и во време на криза успеа да направи инвестициски бум и да привлече големи мултинационални компании – пишува во анализата на италјанскиот економско-финансиски месечник Капитал.

 Во текстот се пренесени размислувањата на првите луѓе од владиниот економски тим: на премиерот Груевски, министерот за привлекување странски инвестиции Павлески и на директорот на слободните – економски зони Мизо.

Според Мизо, таканаречениот зелен канал за слободно царинење е причината зошто италијанската групација Витоло, која во Бунарџик произведува хидраулични спојки и армирани гумени црева, ја одбрала земјава за нивната нова инвестиција, за која најавуваат нова фаза.

Се решивме за нова инвестиција, бидејќи капацитетот на постојниот објект е исполнет, има побарувачка за нашиот производ кој е квалитетен, и затоа мораме да се прошириме. Планираме да вработиме нови 150 луѓе”, изјави Џовани Поповиќ, менаџер за производство во Текнохозе

Министерот Павлески за италијански Капитал изјавил дека јасен индикатор за атрактивноста на Македонија е фактот што голем дел од компаниите се решија да реинвестираат, додека премиерот Груевски ги истакнал напорите за влез во ЕУ  и покрај грчкото вето.

Италијанскиот магазин Капитал е дел од водечката медиумска куќа за финансии и економија, (Клас Eдитори).                                           

Новинар: Мартин Пушевски