Што се случува со друштвата со ограничена одговорност

Ем газди, ем менаџери

17.10.2013 14:13

Друштвата со ограничена одговорност се уште тешко се решаваат да преминат во акционерски друштва, иако на овој начин можат многу полесно да дојдат до дополнителен капитал, кој во време на криза и тоа како им недостасува.

Друштвата со ограничена одговорност се уште тешко се решаваат да преминат во акционерски друштва, иако на овој начин можат многу полесно да дојдат до дополнителен капитал, кој во време на криза и тоа како им недостасува. Стравот за менаџерските фотељи е главната причина за оваа инертност, коментираат познавачите.

Ем газди, ем менаџери. Стравот од губење на контролата врз компанијата и од зголемена транспарентност ги кочи друштвата со ограничена одговорност да преминат во акционерски друштва, иако најголемиот дел од нив веќе се зрели за тоа. Експертите во обид да ги охрабрат. Им порачуваат – стравот е неоправдан. 

“Основачите на претходното ДОО можат да ја задржат контролата на тој начин што самата акционерска структура би била составена од приоритетни акции без право на глас, и акции со право на глас. На тој начин, поранешните содружници може да си ги задржат акциите со право на глас”, изјави Горан Коевски, универзитетски професор

Во брокерската фела сметаат дека интерноста на друштвата со ограничена одговорност може да се надмине со интервенција на државата. 

“Дражавата треба со законски измени и стимулации да ги натера ДОО да се трансформираат во АД. Со инструменти на фискалната политика можат да се натераат друштвата да се свртат кон пазарот на капитал, а не само кон банките”, изјави Кирил Митровски, директор на брокерска куќа

Со трансформирањето од ДОО во АД, друштвата можат да си обезбедат лесен пристап до капитал за да не чекаат на кредити од банките, да го подобрат управувањето, да си обезбедат стабилност и натамошен раст и развој.

“Приватниот сектор треба да разбере дека доброто корпоративно работење не само што им го олеснува пристапот на компаниите до нов капитал, туку дека може да претставува инструмент за подобрување на самото работење на компаниите”, изјави Елизабета Чингаровска, директор на КХВ

На домашниот пазар недостасуваат акционерски друштва кои берзата ќе ја користат како извор на свеж капитал, преку емисија на нови акции или корпоративни обврзници. “Задолжителната котација” ја збогати понудата, но во отсуство на странските инвеститори, побарувачката се уште е слаба.