Македонското Собрание денеска ќе ја почне 74. седница

Собранието ќе ја почне 74-та седница

21.10.2013 12:16

Македонското Собрание денеска ќе ја почне 74. седница на која на дневен ред се предлози за утврдување престанок на мандат на членови на Советот на МРТ...

Македонското Собрание денеска ќе ја почне 74. седница на која на дневен ред се предлози за утврдување престанок на мандат на членови на Советот на МРТ, повеќе Предлог закони за ратификации на договори, меѓу кои и Спогодбата меѓу владите на Македонија и Косово за отворање нов граничен премин за меѓународен патен сообраќај „Белановце-Станчиќ“.
 
Пратениците ќе расправаат и за Предлог измените и дополнувањата на Законот за лизинг, Предлог законот за претворање на побарувањето на Република Македонија  по основ  на јавни давачки во траен влог во друштвото Тутунски комбинат АД Прилеп и дополнетиот предлог закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки.
 
Меѓу точките се и измените и дополнувањата на Законот за основање Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, по скратена и Предлог законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2014 година, двата по скратена постапка и Предлог завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2012 година.
 
На седницата ќе се дебатита за измените и дополнувањата на Законот за персоналниот данок на доход, на Законот за пасиштата, на Законот за земјоделското земјиште, Законот за вештачење, како и по Предлог законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со општествена и државна сопственост (прво читање), поднесен од пратениците од опозицијата.
 
Предложениот дневен  ред на 74. седница е дополнет со Предлог законот за медијација, измените и дополнувањата на Законот за парничната постапка, на Законот за социјалната заштита и на Законот за авторското право и сродните права.
 
Треба да се дискутира и за Дополнетиот предлог закон за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор, измените и дополнувањат на Законот за научно-истражувачката дејност, на Законот за странците, дополнуваата  на Законот за вработување и работа на странци и измените на Законот за судовите.
 
На агендата се и Дополнетиот предлог закон за правда за децата, измените и дополнувањата на Законот за спортот, на Законот за лековите и медицинските помагала, дополнувањата на Законот за Бирото за развој на образованието, по скратена постапка.
 
По скратена постапка треба да бидат разгледани и Предлог  законите за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци - Штип и патна делница Кичево - Охрид, и на гаранциите на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за „Проект за изградба на автопат - делница Миладиновци - Штип" и по Договорот за заем за „Проект за изградба на автопат - делница Кичево - Охрид", кои ќе се склучат меѓу Експорт - импорт банката на Кина и ЈП за државни патишта.
 
Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за шумите, поднесен од пратениците од владеачкото мнозинство, исто така, ќе биде разгледан по скратена постапка, а ќе се дебатира и за Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2013 година.