Ракометарите на Металург ја остварија третата победа во ракометната Лига на шампиони

Трета победа на Металург во Лигата на шампионите

21.10.2013 12:54

Ракометарите на Металург ја остварија третата победа во ракометната Лига на шампиони, совладувајќи го составот на Динамо Минск

Ракометарите на Металург ја остварија третата победа во ракометната Лига на шампиони, совладувајќи го составот на Динамо Минск, а со тоа го заокружи успешниот викенд на македонските екипи учесници во елитното натпреварување. 
 
Во натпреварот од 4.коло на групата Ц, одигран во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, македонскиот вице првак Металург славеше победа со 33:29 полувреме 20:18. До овој триумф Металург стигна тешко. Дезорганизирано во одбраната, немањето решение како да се сопрат нападите на противникот, пред се, од крилните позиции, беа причината поради која Металург во првото полувреме прими 18 голови. 
 
Сепак, иако гостите од Минск во повеќе наврати имаа предност од два гола, македонскиот вице првак во завршните пет минути од првото полувреме направи серија од 6:2, па на пауза замина со предност од два гола 20:18. 
 
Вториот дел Металург го започна одлично што во два наврата резултираше и со четири голови предност (24:20 и 25:21). Сепак, тимот од Минск резултатски се врати во игра со низата од 5:0 за израмнување на резултатот на 25:25 во 44-минута. 
 
Тимот од Автокоманда возврати со серија од 4:1 и одново ја презеде контролата врз резултатот, па смирено го приведе кон крај натпреварот со конечни 33:29. Наумче Мојсовски со 7 постигнати голови беше најпрецизен во екипата на Металург. Ренато Вугринец и Атман постигнаа по 6 гола, а Гоце Ојлески придодаде 5. Денис Рутенка со 7 и Иван Нинчевиќ со 6 гола беа најпрецизни во гостинскиот тим. 
 
Во рамките на оваа група попладнево во Париз се одигра и дербито меѓу П.С.Ж. и Барселона кое им припадна на гостите од Шпанија со 33:29. 
 
Вчера Вардар беше убедлив на гостувањето кај Вакер Тун славејќи победа со 37:24. 
 
Табела: Барселона 7 бодови, Металург 6, Динамо Минск 4, Вардар 4, П.С.Ж. 3 и Вакер Тун 0