Роналдо фаворит пред Меси и Рибери

13.01.2014 15:55

Секој има свој фаворит...

Секој има свој фаворит, во исклучителна конкуренција на тројца најдобри во светот за минатата година постојат илјадници аргументи, но може да има само еден победник.  Кристијано Роналдо, Лео Меси и Франк Рибери се во најтесниот избор на ФИФА за фудбалер за 2013-та.

Португалскиот интернационалец важи за благ фаворит затоа што лани постигна 66 гола на 56 натпревари  за Реал и за репрезентацијата.  Роналдо, кој ја доби престижната награда во 2008-ма, лани погоди пет хет-трика, а ја предводеше Португалија до пласман на Светското првенство во Бразил. Меси, пак, доминираше во минатите четири години, а никому досега не му успеало да биде најдобар петпати по ред.

Во ова друштво, Франк Рибери е единствен со пет трофеи. Неговиот Баерн доминираше на клупската сцена и беше прв секаде каде што настапи. Францускиот интернационалец ги крена пехарите во Лигата на шампионите, во Супер купот на УЕФА, на Светското клупско првенство, во германскиот куп и во Бундес лигата.

На церемонијата во Цирих светската куќа на фудбалот ќе објави лауреати во уште седум конкуренции, секако и тимот за минатата година.