„Златна топка“ 2103-та

Кристијано Роналдо фудбалски крал на годината

13.01.2014 22:19

По 2008-ма, тогаш како играч на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо вторпат е најдобар фудбалер во светот. Првата ѕвезда на Реал Мадрид и на Португалија доби најмногу гласови од селекторите и капитените на 184 репрезентации и од 173-цата новинари во изборот на ФИФА и на престижниот „Франс фудбал„.

По 2008-ма, тогаш како играч на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо вторпат е најдобар фудбалер во светот. Првата ѕвезда на Реал Мадрид и на Португалија доби најмногу гласови од селекторите и капитените на 184 репрезентации и од 173-цата новинари во изборот на ФИФА и на престижниот „Франс фудбал„.

Во 2013-та Кристијано Роналдо не освои ниту еден трофеј, ја однесе својата репрезентација на Светското првенство, но имаше импресивни индивидуални настапи. Во дресот на „кралскиот клуб“ и на Португалија, на 56 натпревари постигна 66 голови од коишто осум хет – трика  и додаде уште 15 асистенции. Кристијано Роналдо е петиот играч на Реал Мадрид кој е прогласен за најдобар фудбалер во светот во изборот на „Франс фудбал“ којшто датира од 1956-та, а во којшто од 2007 се вклучи и ФИФА. 28 -годишниот Кристијано Роналдо собра 1365 поени или 160 повеќе од фудбалерот на Барселона, Аргентинецот Лионел Меси кој победуваше на изборот во претходните четири години и 238 од Франк Рибери без разлика што Французинот со Баерн Минхен минатата година приграби четири трофеи.

Тие пак на стратегот на баварците Јуп Хајнкес му ја донесоа наградата стручњак број еден.

Најдобриот тим во светот го сочинуваат: голманот Нојер, одбранбената четворка Лам, Рамос, Тијаго Силва и Алвеш, триото креативци Иниеста, Чави и Рибери и напаѓачката тројка Кристијано Роналдо, Ибрахимовиќ и Меси.

Наградата „Пушкаш“ за најубав гол во 2013-та заврши кај Златан Ибрахимовиќ за погодокот на натпреварот Шведска – Англија.

Почесната „златна топка“ му беше доделена на легендарниот Пеле кој со Бразил беше троен светски шампион.

Европската титула на Германија беше причина голманката Надин Ангерер и Силвија Наид да бидат прогласени за најдобри фудбалерка и тренер во светот на женскиот фудбал.

На гала свеченоста во Цирих, „претседателската награда“ за посебен придонес во фудбалот му беше доделена на некогашниот Претседател на интернационалниот олимписки комитет, Жак Рог, додека признанието за „фер плеј„ и припадна на Фудбалската федерација на Авганистан чијашто репрезентација по десет години се врати на меѓународна сцена.