НБА Лига, 1/2-финале по конференции

Водечките екипи по регуларниот дел во негатива од 2-1

10.05.2015 20:28

Атланта доживеа пораз од 103-101 на гостувањето во главниот град. Перо Aнтиќ беше член на почетната петорка против Вашингтон, но имаше скромно издание со само еден постигнат кош и со само еден остварен скок...

Атланта на Перо Антиќ губи со 2-1 во источното полуфинале на НБА плеј-офот против Вашингтон. Во идентична негатива е и најдобриот тим на Запад по регуларниот дел од сезоната, Голден Стејт, во полуфиналната серија со Mемфис.

Атланта доживеа пораз од 103-101 на гостувањето во главниот град. Перо Aнтиќ беше член на почетната петорка против Вашингтон, но имаше скромно издание со само еден постигнат кош и со само еден остварен скок. Во драматичен натпревар, Хоукс во последната четвртина се вратија од минус од дури 21 поен на десетина минути до крајот, но во последната секунда со поени од табла болен неуспех им нанесе Пол Пирс. Кај Атланта најефикасни беа Тиг и Шредер со по 18 поени, а победничкиот состав на Визардс го предводеа Портер, Бил и Нене со по 17 постигнати коша. Ветеранот Пирс заврши со 13 поени.

На Запад, иако во разигрувањето влезе од осмата позиција, Мемфис покажа дека плеј-оф искуството може да му биде многу драгоцено против фаворизираниот Голден Стејт. Гризлис поведоа со 2-1 по ноќешниот триумф од 99-89. Резултатот го контролираа постојано, во текот на целиот натпревар, а водството главно им беше двоцифрено. Вориорс се заканија во последниот период кога се приближија на четири поени, но Мемфис не дозволи пресврт. Марк Гасол имаше двоен двоцифрен ефект со 21 поен и со 15 скока, а Зек Рендолф уфрли 22 коша. На спротивната страна, Стеф Кари постигна 23, а Клеј Томпсон 20 поени.