НБА

Кливленд израмни на 2:2 со Чикаго, ЛА Клиперс на чекор до триумф над Хјустон

11.05.2015 15:22

Четирикратниот МВП на сезоната и двоен шампион со Мајами го реши мечот за конечни 86 : 84, иако во последниот период влезе со повреда на левиот скочен зглоб...

ЛеБрон Џејмс погоди со звукот на сирената и му донесепобеда на Кливленд во четвртиот натпревар од полуфиналната “плеј оф“ серија во Источната конференција во НБА лигата. Четирикратниот МВП на сезоната и двоен шампион со Мајами го реши мечот за конечни 86 : 84, иако во последниот период влезе со повреда на левиот скочен зглоб. Постигна вкупно 25 поени, 14 скока и 8 асистенции, а имаше одлична поддршка од центарот Мозгов со 15 поени и 9 скокови, како и од џокерот од клупата Смит кој постигна 5 тројки. Кливленд израмни на 2 : 2  а Џејмсму врати на Дерик Роуз, кој го реши претходниот меч со тројка во последната секунда. Ѕвездата на Чикаго постигна 31 поен а  покрај него само уште Батлер беше двоцифрен со 19 поени. Ноа оствари 15 скокови, но не можеше да го надомести отсуството на повредениот Гасол, кој можеби ќе игра во петтиот меч.

Во четвртиот дуел во западното полуфинале ЛА Клиперс одново го декласира Хјустон, овојпат уште поуверливо со 128 : 95. ДеАндре Џордан постигна 26 поени и 17 скокови иако погоди само 14 поени од дури 34 слободни фрлања, откако постави НБА рекорд од 28 упатени слободни фрлања во првото полувреме. На своето ниво беа и Блејк Грифин со 21 поен и 8 скокови и Крис Пол со 15 поени и 12 асистенции. Кај “ракетите“ Џејмс Харден заврши со 21 поен, 8 скокови и 6 асистенции, но потфрли Двајт Хауард со само 7 поени и 6 скокови. ЛА Клиперс поведе со 3 : 1 и е на чекор  до првиот финален пласман во Западната конференција, во пресрет на петтото соочување задутре во Хјустон.