Кошарка НБА

Џејмс и Џејмс повторно несопирливи

13.05.2015 14:36

Кралот беше безгрешен, постигнувајќи 38 поени, со 10 скокови и со 5 асистенции, без ниту една грешка, што го прави првиот играч со два вакви учинока во плеј-оф натпреварите...

Леброн Џејмс командуваше со Кавалирс, во победата за пресвртот 3:2, во источното полуфинале против Булс. Во сезоната сега или никогаш за Кливленд, триумфот од 106:101 значи чекор поблиску до конференциското НБА финале, што може да биде заверено в петок во Јунајтед Центарот во Чикаго, или во последниот предвиден, седми дуел во Квикен Лоанс Арена.
 
Кралот беше безгрешен, постигнувајќи 38 поени, со 10 скокови и со 5 асистенции, без ниту една грешка, што го прави првиот играч со два вакви учинока во плеј-оф натпреварите, откако се води статистика за загубените топки. По еден сличен меч, имаат Шекил Онил во 2000-та и Лери Бирд во 1986-та. Леброн е на врвот на листата на играчи предводници на својот тим на еден дуел, во трите најважни категории - поени, скокови и асистенции, со 33 такви плеј-оф натпревари, пред Бирд со 13 мечеви, Данкан со 11, Олајџувон со 9 и Кид со 8.
 
И другиот Џејмс (Харден) одново блескаше, со трипл-дабл (26 поени, 11 скокови и 10 асистенции) во виталната победа на Хјустон против Клиперс, 124:103, за намалување на негативата во западното полуфинале на 2:3. Рокетс се уште висат над бездната, пред гостувањето во ЛА, но ако го вратат брејкот, ќе играат дома во мајсторката. Двајт Хауард дополни со 20 поени и со 15 скокови, а кај поразените Грифин имаше 30 поени со 16 скокови, Крис Пол 22 поени со 10 асистенции.
 
Перо Антиќ и Атланта играат по полноќ, во полуфиналето против Вашингтон е 2:2. Хокс се домаќини на овој и на евентуалниот седми меч, со што се во одлична позиција за пласман во финалето на Истокот. На Западот, во другото полуфинале исто така е 2:2, Голден Стејт Вориорс се домаќини на Мемфис Гризлис.