МЗТ Скопје и Работнички хуманитарно, за заокружување на 10 “суперлигашко“ коло

15.05.2015 15:12

Вечнотo 128 дерби ја заокружува суперлигашката првенствена фаза во пресрет на “плеј оф“ дуели за титулата, а кога играат МЗТ Скопје и Работнички возбудувањата не може да изостанат...

Пресметките на најдобрите македонски кошаркарски клубови отсекогаш е повеќе од натпревар дури и кога не решаваат за трофеите. Вечнотo 128 дерби ја заокружува суперлигашката првенствена фаза во пресрет на “плеј оф“ дуели за титулата, а кога играат МЗТ Скопје и Работнички возбудувањата не може да изостанат. Според мотивите кои ги имаат, домашните може да влезат порелаксирано откако ја осигураа пол позицијата за нокаут рундата. Познато дека противник на шампионот во полуфиналето ќе биде Фени Индустри додека Работнички ќе игра против Куманово. Сепак, момците од “градскиот парк“ сеуште не го обезбедиле местото кое носи привилегија на домашен терен. Заедно со амбицијата да се биде подобар од“вечниот“ ривал, тоа е основниот натпреварувачки мотив кај гостите. Заедничкиот пак во двата табора е да се одигра фер и коректно, како што доликува на клубови кои се носители на македонската кошарка. Дотолку повеќе што натпреварот го доби епитетот “хуманитарен“ при што приходот од влезниците ќе биде наменет за помош на тригодишниот Максим Стојановски кому му е неопходна операција на очите.      

Што се однесува до формата, сезонава “штрковите“ имаат 2 победи на паркетот и една службена, но последното соочување понуди најмногу драматика кога шампионот славеше со 83:82.  Од друга страна, иако изостана директниот дуел, Работнички веќе го освои првиот трофеј сезонава кога триумфира токму во “Јане Сандански“ во купот на Македонија. Како ќе биде вечерва, ќе видиме во натпреварот кој почнува во 19 часот со пренос на Собранискиот сервис.