Кошарка НБА

Канаѓанецот Вигинс најдобар дебитант, меѓу десетте и тројца екс- ЈУ кошаркари

19.05.2015 15:28

За најдобар е избран Ендрју Вигинс од Минесота, кој ги одигра сите 82 натпревара и просечно постигнуваше 16.9 поени, 4.6 скокови и над 2 асистенции...

Во очекување на почетокот на финалните серии во двете конференции, во НБА лигата се прогласени најдобрите дебитанти сезонава. За најдобар е избран Ендрју Вигинс од Минесота, кој ги одигра сите 82 натпревара и просечно постигнуваше 16.9 поени, 4.6 скокови и над 2 асистенции. Со тоа 20 годишниот Канаѓанец ја заокружи сезоната од сништата во која стартуваше како прв пик на драфтот, беше прогласен за МВП на “Ол стар“ натпреварот на младите НБА ѕвезди, а четирипати беше дебитант на месецот. Зад него е црногорецот од Чикаго Никола Миротич кој исто така ги одигра сите натпревари сезонава, со 10.2 поени и нешто под 5 скокови во просек.

Трет е центарот на Филаделфија Нерленс Ноел со речиси 10 поени и над 8 скока, а со 1.77 украдени топки и 1.89 блокади е единствен меѓу новаците кој котира на Топ 10 листата на НБА. Тој е втор во историјата со такви остварувања, по легендарниот Дејвид Робинсон, кој дебитираше пред точно 2 ипол децении. Во идеалната постава се уште Елфрид Пејтон од Орландо и Џордан Кларксон од ЛА Лејкерс.

Во втората дебитантска петорка се Маркус Смарт од Бостон, Зек Лавин од Минесота, Бојан Богдановиќ од Бруклин, Јусуф Нуркиќ од Денвер и Ленгстон Галовеј од Њујорк. Во меѓувреме, екипите кои не се пласираа во „плеј офот“ се фокусирани на вечерашната “драфт“ лотарија на која Минесота како најслаба во лигата има 25% шанси за прва да бира, додека зад неа е Њујорк со комбинирани 38% да бира еден од првите два пика, Карл Ентони Томас и Џахил Окафор. Сите 14 екиписе среќни што со пласманот во завршницата годинава го нема таличниот Кливленд, кој ги доби прворангираните кошаркари во последните 2 или вкупно 3 од последните 4 сезони.