НБА

Голден Стејт води со 2:0

22.05.2015 09:37

Во триумфот 99:98, Кари постигна 33 поени од кои 5 тројки во 11 обиди и ги предводеше домашните до 6-та победа сезонава, во исто толку пресметки со Хјустон...

Вориорс се изборија за победа и на втората средба во финалето на Западот и се во предност што е речиси недостижна за Хјустон.

Во триумфот 99:98, Кари постигна 33 поени од кои 5 тројки во 11 обиди и ги предводеше домашните до 6-та победа сезонава, во исто толку пресметки со Хјустон. Дали Рокетс ќе најдат лек за растрчаниот противник, ќе видиме в недела во првата средба во Тексас, во форматот 2-2-1-1-1.

Харден постигна 38 поени со 10 скокови и со 9 асистенции, му недостасуваше едно додавање за трипл дабл, но ја загуби топката во решавачките секунди од натпреварот и се се сруши за неговата екипа, уште еднаш, слично како во претходната серија против Клиперс кога Рокетс губеа со 1:3.

Потегот на мечот беше забивањето на Игудала над Хауард, но и блокадата на Богут на Харден ја одбележа средбата.

Двата момента се случија во клучниот период кога Вориорс ја изградија предноста од 17 поени во првото полувреме. Иако Хјустон стигна да изедначи пред паузата, статистиката покажа дека Голден Стејт победува на 54 натпревари кога има предност од 15 поени.

По полноќ, се игра вториот натпревар од источното финале, меѓу Перо Антиќ и Атланта и Леброн Џејмс и Кливленд. Кавалирс водат со 1:0, по воведната победа во која што нашиот интернационалец не постигна ниту еден поен за 10 минути игра.