НБА

Кливленд го доби и второто гостување во Атланта

23.05.2015 20:14

Решавачки беше третиот период по кој имаа 18 разлика, па последниот го одиграа рутински...

Кошаркарите на Кливленд се на половина пат до титулата во Источната конференција, откако поведоа со 2 : 0 против Атланта. И втората беше убедлива, овојпат со 94 : 82 остварена во уште една доминантна партија, особено во одбраната. Предводени од феноменалниот Леброн Џејмс, диктираа темпо од стартот и ја добија првата четвртина со 26:21, а истата предност ја одржаа до полувремето. Решавачки беше третиот период по кој имаа 18 разлика, па последниот го одиграа рутински.
 
Само еден скок му недостасуваше на Леброн за “трипл дабл“ но со 30 поени и 11 асистенции го надомести отсуството на повредените Кевин Лав и Кајри Ирвинг. Притоа по 74 пат оствари најмалку 30 поени во “плеј оф“ мечевите со што се израмни со легендарниот Џери Вест на четвртото место. Пред него се само Мајкл Џордан со 109, Коби Брајант со 88 и Карим Абдул Џабар со 75 натпревари со плус 30 поени. Голем придонес даде и Шамперт со 16 поени и 4 тројки од 6 обиди, во победата како најдобра честитка за 56 –от роденден на тренерот Дејвид Блат. Кај Атланта најефикасен беше резервистот Денис Шредер со 13 поени. Перо Антиќ во 13 минути постигна 1 поен и 5 скокови, а во еден жесток дуел за малку ќе го повредеше Леброн Џејмс. Следните два дуела се играат во Кливленд од кои првиот е утревечер, а во меѓувреме по полноќ продолжува западното финале, во кое Голден Стејт ќе стартува со предност од 2 : 0 на гостувањето во Хјустон.