Кошаркарско првенство на Македонија, полуфинале, втори натпревари

Работнички по спас во Куманово, МЗТ по финале во Кавадарци

24.05.2015 16:15

Завчерашниот триумф на Куманово против Работнички во „хичкоковската“ завршница во Градски Парк во Скопје е најава за многу драма и за возбуда во возвратната средба...

Полуфинална разврска во само еден викенд, или пак мајсторки ќе решаваат за екипите коишто од петок ќе се борат за шампионската титула. Во Куманово и во Кавадарци вечер ќе бидат одиграни вторите натпревари од полуфиналните плеј-оф серии во домашното кошаркарско првенство. Работнички и Фени Индустри се пред победнички императив, бидејќи нови порази за нив ќе значат елиминација и крај на сезоната.

Завчерашниот триумф на Куманово против Работнички во „хичкоковската“ завршница во Градски Парк во Скопје е најава за многу драма и за возбуда во возвратната средба. Ако сака да остане во конкуренција за повторно да се бори за пехарот, нашиот најтрофеен тим ќе мора да се спасува во пеколниот амбиент на теренот на којшто сезонава двапати гостуваше и – двапати загуби. Осцилациите во играта пред два дена скапо го чинеа Работнички, ниту предноста од 22 коша во првото полувреме не му беше доволно да го сочува стонастотниот ефект на домашен терен против Кумановци. Тие, пак, иако цела сезона важеа главно за плашлива екипа на туѓ паркет, се издигнаа во најважниот миг и среде Скопје го забележаа најважниот успех којшто може да ги донесе до најголемиот успех во нашата првенствена кошарка. Со уште еден полн погодок, Куманово уште вечер ќе обезбеди финале. Ако Работнички направи рибрејк, ќе биде домаќин на мајсторката во вторник.

На само победа до завршната серија е и МЗТ Скопје Аеродром. Актуелниот првак пред два дена рутински го доби незгодниот тим на Фени Индустри и по едно од најубедливите и најсигурните изданија сезонава очекува полуфиналната мисија да ја заврши веќе во Кавадарци. Секако, Фени нема намера толку лесно да се предаде без вистинска борба, а амбициозноста и жилавоста ги темели пред се на одличниот ефект во меѓусебните дуели со шампионот во изминативе седум месеци. Ако некој знаеше да го победи МЗТ во лигашкиот дел од сезоната, тогаш тоа беше токму Фени Индустри. Со три триумфи во четирите одиграни средби, кавадарчани се единствениот тим со позитивен биланс против Аеродромци. Фактот што МЗТ потклекна на двете гостувања во салата „Јасмин“ навестува дека и оваа полуфинална серија многу лесно може да има трета епизода, за два дена во главниот град.

Мечевите Куманово-Работнички и Фени-МЗТ почнуваат во 19 часот. Камерите на МТВ ќе бидат во Кавадарци, преносот е на Собранискиот Сервис.