МЗТ води, Куманово се жали, кошарка нема!

01.06.2015 20:27

МЗТ поведе со 2-0 против Куманово во финалето на разигрувањето, откако го доби вчерашниот натпревар којшто траеше дополнителни пет минути, а има и трето полувреме...

Иако не нуди квалитет во споредба со регионот, за пошироки рамки и да не зборуваме, македонската клупска кошарка го освојува почетокот и на овие спортски вести. МЗТ поведе со 2-0 против Куманово во финалето на разигрувањето, откако го доби вчерашниот натпревар којшто траеше дополнителни пет минути, а има и трето полувреме.

Драмата во Куманово кулминираше во завршните две ипол секунди. Домаќинот водеше со три коша, Чапин изведуваше две слободни. Го погоди првото и намерно го промаши второто, што е логично, а кумановци не го затворија рекетот, што не е логично, и дозволија Симоновски да даде кош за израмнување и за продолжение. Беше ли во регуларниот тек? Според нашата снимка, Симоновски ја исфрла топката пред да се запали црвената сигнализација на таблата. Тоа значи дека кошот е регуларен. Дали записничката маса навреме почнала да го мери времето е друго прашање и не е во ингеренции на МТВ. Кошаркарскиот клуб Куманово во денешното соопштение вели дека „победата им е украдена“  и дека „последните поени се неправилно признати како директна последица на сите грешки направени почнувајќи од човекот задолжен за мерење на времето, делегатот и на судиите кои немаа храброст и доблест да признаат дека е поминато времето за игра од 2,4 секунди“, се вели во соопштението. Но во него не пишува, не се објаснуваат и не се споменуваат неколку други  аспекти. Играчки, зошто Куманово дозволи натпреварот да се решава во последните стотинки? Организациски, дали е можно да се игра регуларно ако публиката скока на неколку сантиметри од теренот и како, кога и дали воопшто коментаторот на Македонската телевизија може да има влијание на нечија судиска, делегатска, менаџерска, тренерска или која било друга одлука? Тоа се исто така легитмни прашања! А каде се одговорите? Можеби во нашата претпоставка – МТВ премногу вложува во домашниот спорт. Можеби е време и ние да објавиме соопштение. И да донесеме одлука!