МЗТ Скопје Аеродром останува наш кошаркарски суверен

Самарџиски: „Ова ми е најдрага титула“

03.06.2015 12:28

По Фени Индустри, Кожув и Работнички во изминатите три години, ниту Куманово не успеа да ги симне од престолот. Со максималните 3-0 во победи во плеј-оф финалето ја потврдија супериорноста во домашни рамки...

МЗТ Скопје четврти пат се разбуди како шампион. Аеродромци и понатаму се доминантната сила во македонската кошарка. По Фени Индустри, Кожув и Работнички во изминатите три години, ниту Куманово не успеа да ги симне од престолот. Со максималните 3-0 во победи во плеј-оф финалето ја потврдија супериорноста во домашни рамки.

„Имавме подолга клупа во однос на противникот, па со помош на младоста и на искуството стигнавме заслужено до титулата“, појасни центарот Предраг Самарџиски што беше пресудно за победничката разврска на борбата за титулата.

„Кумановци извлекоа од нас 150% од силите, со нив никогаш не можеш да се опуштиш или да бидеш сигурен дека натпреварот е завршен. Не се предаваат никогаш, имаат поединци кои можат со луди поени да направат серија и пресврт. Ова беа двете најдобри екипи за финале, два тима коишто кои играат најубава кошарка“, дополни Самарџиски.

Новиот шампионски расплет е позитивен крај на турбулентната сезона со многу проблеми пред се во АБА Лигата. Неспокојот поради неколкуте тренерски смени и промашените засилувања беше надминат со стабилноста којашто ја донесоа враќањето на Пипан, Синовец и на Шеховиќ, ангажманот на Чапин и на Мијатовиќ и пред се доведувањето во Скопје на репрезентативецот Предраг Самарџиски.

„Сум освоил многу трофеи и купови, но ова ми е најдрага титули, бидејќи е сепак дома, во македонското првенство“, беше еуфоричен Самарџиски.

Барем до наредниот јуни, МЗТ Скопје останува наш кошаркарски суверен, цел којашто конкурентите од наесен повторно ќе треба да се стремат да ја достигнат.