Триумф на Вавринка, Ѓоковиќ и натаму без освоен “Гарос“

07.06.2015 18:15

Во пресметка на тенисери кои никогаш не триумфирале на Отвореното првенство на Франција, Швајцарецот во голем стил го одигра мечот и освен првиот сет, постојано диктираше ритам со кој го разоружа големиот противник...

Победник на тенискиот “Грен Слем” Ролан Гарос е Станислас Вавринка кој во финалето го совлада првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ. Во пресметка на тенисери кои никогаш не триумфирале на Отвореното првенство на Франција, Швајцарецот во голем стил го одигра мечот и освен првиот сет, постојано диктираше ритам со кој го разоружа големиот противник. Се изгледаше според планот за фаворитот кој го доби воведниот сет со 6:4 со брејк во седмиот гем.  Но, оттогаш се беше во знакот на Стан, кој во вториот возврати со идентичен резултат, а со ист стил продолжи во третиот во кој се радуваше со 6:3. Изгледаше дека првиот светски рекет се враќа кога поведе со 3:0 во четвртиот сет, но Вавринка успеа да направи пресврт и да го освои со 6:4 со што на триумфален начин го заврши мечот за 3 часа и 12 минути. Со 57 “винер“ поени или двојно повеќе од ривалот, во своето прво финале во Париз дојде до трофејот, кој пред 12 години го освои во јуниорска категорија.

За 30 –годишниот Вавринка тоа е само втор Грен Слем во кариерата, по минатогодишниот во Мелбурн, а со новите 2.000 поени на АТП листата е на 4 место. Ѓоковиќ останува убедливо прв, но загуби во своето трето финале по поразите од Надал во 2012 и минатата година. Испушти идеална шанса да дојде до својата 9 “Грен слем“ круна и да стане шестиот во историјата со триумф на сите турнири од големата четворка, но ќе мора да почека до следната година.